Во Штип во 15 часот одѕивот на 77 гласачки места за претседателските избори е 35,5 отсто или гласале 14.852 гласачи со право на глас. Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК), Сенка Андреева вели дека до нив нема пристигнато поплаки за нарушување на изборниот процес.
– Инаку, според новата методологија во Штип до 15 часот гласале 7.471 жена и 7.381 маж. Ова се податоците од терен, инаку членови на ОИК се во обиколка на избирачките места, со цел да се види како тече изборниот процес, вели Андреева.
Во Свети Николе се бележи излезнос од 40,14 проценти, во Пробиштип до 15 часот гласале 40,03 проценти, а во Карбинци 33,53 проценти.
Од општинските изборни комисии забележуваат дека граѓаните на кои личните карти им се неважечки, можат да гласаат со пасоши, но важно е да ги има во Избирачкиот список.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова за МИА информира дека не се забележани инциденти или нарушување на изборниот процес ниту на гласачките места, ниту надвор од нив во сите општини во источниот регион.