Најавата дека Кина влегува со свој ракометен тим во регионалната лига (СЕХА) доби и официјална потврда од претседателот на регионалното натпреварување, Михајло Михајловски, во писмото што го испрати СЕХА. Покрај проширувањето на лигата од 10 на 12 екипи, раководството на лигата повлече уште еден потег за посветла иднина на ракометниот спорт. Со вклучувањето на тимот од Универзитетот за спорт од Пекинг од следната сезона лигата ќе добие трансконтинентален предзнак и ќе ги прошири границите и хоризонтите и надвор од Европа.
– Горди сме што деветтата сезона во лигата ќе донесе многу новитети. Една од нив е приклучувањето на тимот од Универзитетот за спорт од Пекинг. Со овој наш потег почнува нова ера во регионот и во СЕХА-лигата. Нашата основна цел е развој на ракометот, а сега со приклучувањето на кинескиот состав внесуваме и нешто ново, револуционерно во нашата лига. Со овој наш потег ги прошируваме границите и хоризонтите и надвор од Европа и му посакуваме топло добредојде на тимот од Универзитетот за спорт од Пекинг – изјави Михајловски.
Ова не е нешто ново кога е Кина во прашање. Тие пред извесно време имаа своја база во Данска со седиште во Виборг, но бидејќи не биле задоволни од напредокот на нивниот тим, решиле да бараат нов европски партнер од кој ќе учат ракомет. Квалитетот и стручноста кон кои се стремат Кинезите ги препознаа токму во регионалното натпреварување и во балканскиот ракомет.