Можен купувач е Пакистанецот со американски пасош Шахид Кан, газдата на фудбалскиот клуб Фулам, кој се надева дека договорот со Фудбалската асоцијација на Англија ќе биде склучен најдоцна за 12 недели
Милијардерот Шахид Кан, Пакистанецот со американски пасош, газдата на фудбалскиот клуб Фулам од 2013 година, се надева дека договорот за купување на стадионот „Вембли“ во Лондон од Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија ќе биде склучен за 8-12 недели. Кан, кој е сопственик и на Џексонвил џагуарс, тимот во НФЛ (американски фудбал), за купување на „Вембли“ понудил 900 милиони фунти (околу 1,27 милијарда евра).
Тој би требало да плати 600 милиони фунти (684,8 милиони е евра) за стадионот, а ФА и понатаму би продолжила со управувањето на „Вембли“, со бизнисот околу угостителството вреден 300 милиони фунти (342,4 милиони евра).
– Оваа зделка има многу смисла за сите нас. Кога реков за сите, мислев на НФЛ, на Вембли, на ФА и на англиската фудбалска репрезентација – изјави Кан, додавајќи оти Англија ќе продолжи да настапува на „Вембли“, кој и понатаму ќе си го задржи тоа име.
Би-би-си објави дека ФА дел парите од продажбата на „Вембли“ ќе ги инвестира во развојот на фудбалот на детско ниво. Според магазинот „Форбс“, Кан има богатство од околу 7,2 милијарди долари и е 217-ти најбогат човек во светот за годинава.
Тој вели дека ја разбира загриженоста на навивачите околу неговата понуда за купување на стадионот, кој со 90.000 седишта е најголемиот во Велика Британија.
– Традицијата нема да биде загрозена во ниту еден поглед, иако, и покрај тоа што стадионот е нов, му требаат некои подобрувања. Тој стадион и мене лично многу ми значи, бидејќи беше првиот во Англија на кој бев – вели Кан.
Кан (67) изјави и дека таа зделка може да доведе до „позначајни дискусии“ околу евентуалната преселба на неговиот НФЛ-тим во Лондон. „Вембли“е домаќин на НФЛ-натпревари секоја есен од 2007 година.
Покрај тоа, и Тотенхем има договор со НФЛ, според кој во следните 10 години на нивниот нов стадион ќе има најмалку по два меча годишно.
Според последните финансиски резултати, ФА уште должи 113 милиони фунти (130 милиони евра) на повеќе градски и државни институции што беа вклучени во изградбата на стадионот, за што биле потрошени 757 милиони фунти (864 милиони евра) и кој беше завршен во 2007 година. Во јануари годинава ФА соопшти дека ќе го исплати долгот до крајот на 2024 година.