Претседателот на САД со признавањето на Голанската Висорамнина за израелска територија ги уништи и онака малите шанси за спроведување на новиот мировен план за Блискиот Исток, сметаат повеќе американски експерти
Неодамнешната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да ја признае стратегиски важната Голанска Висорамнина за израелска суверена територија продолжува да го тресе регионот, но и целиот светот. На американскиот потег остро се спротивставија речиси сите арапски земји од Блискиот Исток, заедно со Русија, Турција и Иран. Сличен став зазеде и ЕУ, а Сирија побара да се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН. На неа против одлуката се изјасни и Британија, која нагласи дека Голанската Висорамнина ја смета за сириска територија окупирана од Израел. Рускиот претставник во Советот за безбедност оцени дека одлуката на САД е правно неважечка и како таква е неприфатлива за Москва. Повеќето земји во светот ја прифаќаат резолуцијата на ОН од 1981 година, со која се отфрла и се прогласува за правно неважечка одлуката на Израел да ја припои Голанската Висорамнина и да ја прогласи за своја територија, посочува „Геополитика“.
Критичарите на Трамп го обвинуваат претседателот на САД дека не ги почитува принципите на меѓународното право, особено кога тие не одат во прилог на американските интереси. Истите критичари слична причина гледаат и во неговата одлука да ја признае Голанската Висорамнина за израелска територија, иако таа може да предизвика уште поголем регионален конфликт. Според нив, ваквите потези на Трамп предизвикуваат несигурност дури и меѓу американските сојузници, кои не знаат во кој правец се движи надворешната политика на Вашингтон. Од една страна се тврди дека силите како Кина сакаат да го урнат повоениот меѓународен поредок, а од друга страна се посочува оти сегашната администрација на САД не сака да го одбрани од нападите. Од трета страна, пак, САД се свесни дека имаат свои ограничувања, односно дека немаат апсолутна воена доминација во светот, наспроти огромната воена моќ. Американската војска не може тукутака да ги исфрли Русите од Крим и од Сирија или Кинезите од Јужно Кинеско Море, бидејќи е свесна дека секаков напад врз другите суперсили може да предизвика целосно самоуништување, нагласуваат аналитичарите на „Геополитика“.
Според нив, колку и да се сложени и експлозивни односите во светот, повеќето држави денес веќе не војуваат бидејќи ризиците се преголеми. Воената технологија толку е напредната, а оружје може да се набави насекаде, па ниту една земја не може да биде стоотстотно сигурна дека воените авантури нема да ѝ се вратат како бумеранг. Тоа може да се види и од последните примери во Сирија, каде што престанаа фронталните борби по влегувањето на Русите, а конфликтот денес се сведува на изолирани и локализирани операции против разни паравојски и терористички групи. Дополнително, индиско-пакистанските судири се строго ограничени и во нив се внимава да не се премине црвената линија, иако често тешко може да се исконтролира целата ситуација. Слично, во Венецуела, барем засега, американските сојузници од Јужна Америка не сакаат да војуваат против војската на претседателот Николас Мадуро, исто како што Арапите не сакаат да војуваат против Иран.
Некои земји, пак, одлучуваат да ја „диверзифицираат“ надворешната политика и да развиваат силни односи со повеќе суперсили, јакнејќи ја трговијата или купопродажбата на оружје. Тоа во моментот се случува со Турција и со некои земји на ЕУ, против кои Трамп се заканува да поведе нова трговска војна, иако повеќето од нив се сојузници во НАТО, посочува „Геополитика“.
Американскиот претседател неодамна во Белата куќа ја прими сопругата на самопрогласениот претседател Хуан Гваидо како прва дама на Венецуела, а во истата пригода рече дека САД ќе сторат сѐ за да ги натераат Русите да си заминат од оваа земја. За Вашингтон е неприфатливо доаѓањето на руски војници и опрема во Венецуела. Москва, пак, нагласи дека испратените војска и опрема се продолжение на воената соработка со Каракас, истовремено правејќи паралели со американското воено присуство во Украина. Тоа, според „Геополитика“, само одново покажува колку се сложени денешните геополитички односи и колку само еден потег може да ја запали ситуацијата.
Слични квалификации се упатуваат и за одлуката на Трамп да ја признае Голанската Висорамнина како израелска територија. Аналитичарите нагласуваат дека признавањето може да предизвика нов општ конфликт на Блискиот Исток, по кој Израел би се нашол во нова ситуација – само против сите. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со признавањето ја добива потребната поддршка за изборите, но израелската држава во целина може многу да загуби. Колку и да е супериорна воената моќ на Израел во регионот, вклучувајќи го и атомското оружје, ситуацијата со Голанската Висорамнина се усложнува од фактот што од другата страна се распоредени сириски, но и руски војници. Турција исто така е регионална сила што ја осудува одлуката на Трамп, но не зашто Голанската Висорамнина има толкаво значење за Турците, туку зашто Анкара стравува дека во иднина Трамп може да признае и независна курдска држава на турската граница со Сирија. Иран го одржува своето влијание во регионот и веќе има влошени односи со САД поради повлекувањето од нуклеарниот договор, додека Саудиска Арабија го осудува потегот на Трамп и со тоа се дистанцира од комбинаториките преку неа да се решава палестинското прашање на Блискиот Исток. Ситуацијата и онака беше напната со одлуката на Трамп да ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и со тоа практично да го признае вториот град како израелска престолнина, како и со потегот да ги укине средствата за агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци. Сега, со признавањето на Голанската Висорамнина како израелска територија, Трамп ги уништува и онака малите шанси за склучување на „договорот на векот“, како што самиот го нарече, односно за спроведување на долгонајавуваниот мировен план за Блискиот Исток, оценуваат за Блумберг повеќе експерти од САД.
– Тешко е да се прогнозира во кој правец ќе се одвиваат работите. Меѓународниот поредок каков што го познававме е мртов или барем се користи селективно, според потребите и интересите. Со други зборови, светот се претвора во „див запад“ – заклучуваат и аналитичарите на „Геополитика“.