Иако автопатот Кичево-Охрид целосно треба да биде завршен во средината на 2021 година, сепак патниците на овој патен правец ќе можат барем половина од должината на автопатот да го користат и пред неговото целосно завршување. Ќе се вози на околу 30 километри од автопатската делница, во делот од охридската страна, каде работите се во поодмината фаза.

-За да го олесниме одвивањето на сообраќајот на патниот правец Кичево-Охрид, на дел од овој автопат ќе овозможиме одвивање на сообраќајот, во должина од околу 30 километри, во делот од охридската страна, каде автопатот е во поодмината фаза и која делница ќе биде целосно завршена и пред планираниот рок за целиот автопат. На овој начин ќе им помогнеме на патниците што побргу да пристигнат до посакуваната одредница. Не можам точно да ви прецизирам кога тоа точно ќе се случи, но ќе биде порано од проектираната јуни 2021 година. Се надевам дека оваа информација ќе ги израдува нашите граѓани кои почесто сообраќаат на овој патен правец, а ги има во огромен број, да не размислуваат на потешкотиите на кои досега наидуваа – најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Посочи дека на Kоридорот 8 покрај пругата за Бугарија, ќе се гради и железничка пруга кон Албанија, на релација од Кичево до границата со Албанија. Но поради високата цена на чинење од 530 милиони евра, не може со сигурност да потврди кога ќе почне изградбата на оваа железничка линија, која е од витално значење за развој на регионот и на целата наша земја.

З.А.