Фото: Игор Бансколиев

Двајцата премиери оценија дека преку оваа прва официјална посета на грчки премиер на Македонија е направен историски чекор напред за Балканот и за Европа. Од посетата произлегоа и многу ветувања за интеграција на нашата земја во ЕУ, подобрување на македонската економија, заштита и чување на македонското небо со грчки авиони, културна и археолошка соработка итн.

Во недостиг од интонација на националните химни на двете земји, како и без државни и воени почести, што е редовен протокол при посета на високи гости во земјава, но со црвен тепих и многуброен владин кабинет, вчераутро грчкиот премиер Алексис Ципрас пристигна во еднодневна посета на нашата држава. Иако посетата беше проследена со доцнење на грчкиот владин авион од час и половина од договореното, таа мина во присуство на голем број новинарски екипи од земјава, но и од регионот, како и со густ распоред на грчкиот премиер Ципрас на земјава. Премиерот Зоран Заев некаде претпладне свечено го пречека својот колега пред владината зграда. Подоцна, на заедничката прес-конференција, двата премиера оценија дека преку оваа прва официјална посета на Македонија е направен историски чекор напред за Балканот и за Европа.

На самото отворање на прес-конференцијата во Владата беше истакнато дека премиерите на двете земји потпишале повеќе билатерални договори во областа на енергетиката, одбраната, здравството, надворешната политика, што, според Ципрас, ги отвора вратите на целосно заживување на договорот од Преспа.

– Изгубивме многу време, мора да трчаме, да брзаме, изгубивме три децении, мораме да ги премостиме овие јазови. Најважното прашање на денешната средба беше економијата, и тоа не може да биде поинаку. Мора да забрзаме, мора да ги премостиме јазовите од минатото. Има многу грчки претприемачи што во моментов работат во Северна Македонија. Мојата делегација носи со себе претприемачи, повеќе од стотина, кои ќе имаат можност да разменат мислења и идеи, за да се постигнат подобра соработка и подобри билатерални односи. На овој начин ќе ги заштитиме инвестициите и ќе избегнеме двојно даночење, што беше пречка во минатото, имајќи предвид дека немавме нормални односи изминативе триесет години – рече Ципрас.

Грчкиот премиер додаде дека неговата земја пред неколку месеци била првата држава што го ратификува пристапниот протокол за Македонија кон НАТО.

– Денеска потпишавме меморандум за разбирање и унапредување на претпристапните и пристапните процеси на Северна Македонија во ЕУ – порача Ципрас, објаснувајќи оти добрососедската политика во иднина допрва ќе се зајакнува.

Премиерот на грчката влада, Ципрас, одговарајќи на новинарско прашање во врска со античките споменици што беа дел од проектот „Скопје 2014“, рече дека наскоро ќе се затворат дилемите по ова прашање и дека ним им е место во античкото грчко минато.

– Верувам дека со започнувањето на спроведувањето на договорот и климата на доверба меѓу двете држави ќе успееме да ги увериме сите во позитивните резултати од договорот. Се соочивме со лажни вести, но кога ќе креираме нови работни места, кога ќе го зголемиме приливот на туристи и слично, тогаш постепено сите ќе ја сфатат штетата од изминатите децении, кога не можевме да ги решиме нашите спорови. За трговските знаци ќе има експертска група под надзор на МНР што ќе се обиде да ги реши тие проблеми. Комитетот ќе дискутира и за археолошки прашања од областа на културата. За спомениците од античка Македонија и нивното распоредување и именување ќе се расчисти дека тие се дел од античкото грчко минато. Овие споменици му припаѓаат на светот, тие се дел од светското наследство, ќе ни биде драго кога ќе ги ставите имињата на спомениците. Халкидики е моја омилена туристичка дестинација, но и на Зоран – истакна Ципрас.

Паралелно на ова, премиерот Заев, осврнувајќи се на Преспанскиот договор, рече дека тоа е „историски чекор кон нормализирање на нашите односи“. Според Заев, договорот им дава можност на двете земји целосно да ги искористат трговските односи. Според него, Атина и Скопје ќе соработуваат на ниво на одбраната, во областа на транспортот и за заеднички проекти во енергетиката, земјоделството, дигитализацијата.

– Деновиве Алексис упати повик до ЕУ да почнат преговори за членство на Северна Република Македонија во Унијата. Ципрас го направи ова за да се уназади национализмот и да се постигне напредок меѓу народите – изјави премиерот Заев на заедничката прес-конференција со грчкиот колега Ципрас.

Тој нагласи дека вчера првпат во историјата Република Северна Македонија е домаќин на грчки премиер.

– Денешниот ден е историска одредница. Досега гледавме пропуштени шанси и залудно изгубено време. Пред нас има можности и заеднички интереси. Двата народа покажаа дека со храбри одлуки она што до вчера беше невозможно сега е реалност – рече Заев.

Според премиерот Заев, спроведувањето на Преспанскиот договор, кој во целост продолжува да се имплементира, овозможува двете земји максимално да ги искористат политичките и економските капацитети. И двајцата премиери што се во ек на изборни кампањи во своите земји, на крајот од конференцијата за печатот се согласија дека треба да се искористи интересот на големите сили за регионот и дека тој интерес е добредојден.

Во меѓувреме, повеќе западни медиуми, меѓу кои и бриселскиот портал „Њу Јуроп“, во свои анализи околу посетата на Ципрас на земјава напишаа дека тој доаѓа во Скопје пред сѐ да го подобри својот низок рејтинг кај домашните гласачи. Како што наведуваат некои од западните медиуми, засега не е јасно дали Ципрас преку посетата се надева дека ќе ги зајакне своите лични ингеренции како можност да влијае врз регионална стабилност, или сепак ќе изгуби многу од популарноста на домашен терен токму поради Преспанскиот договор.


Нов граничен премин кај Кавадарци

Отворање на нов граничен премин меѓу Грција и Македонија најави вчера премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
– Потпишавме договор за отворање нов граничен премин меѓу Промахој од грчка страна и Мајден од наша страна, кај Кавадарци. Со овој нов граничен премин, заедно со граничниот премин кај Маркова Нога и Агиос Германос, се создаваат услови за уште поголема соработка и локален економски развој и прекугранична соработка – истакна Заев.
Грчкиот премиер Ципрас рече дека со договорот од Преспа се решаваат многу проблеми меѓу двете земји и дека меморандумот за разбирање што го потпишале денеска е за да се унапредат претпристапните и пристапните договори.


Грчки воени авиони ќе го чуваат македонското небо

Военото воздухопловство на Грција веројатно ќе ги преземе надзорот и заштитата на македонскиот воздушен простор. Ова вчера го најави грчкиот премиер Алексис Ципрас, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во македонската влада за тоа дали Грција би го штитела македонското небо со свои воздухоплови кога ќе влеземе во НАТО и дали за тоа ќе бара надомест. Според Ципрас, правилата за регулирање на воздушниот сообраќај според НАТО, најлогично е тоа да го извршува токму Грција, бидејќи, таа, впрочем од земјите соседи-членки на Алијансата располага со најдобра авијација.


Протести на плоштад

Група граѓани вчера, сепак, протестираа во знак на револт за посетата на Алексис Ципрас на нашата земја. Тие исто така изјавија дека се против договорот од Преспа. Протести имаше и на плоштадот и на булеварот Илинденска за време на посетата на Ципрас. До затворањето на весникот немаше точни информации кои се организатори на овие протести.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]