Министерството за одбрана распиша конкурс за средношколци, за есеј на темата „НАТО и јас“, кој завршува денеска, на 29 март, а авторите-средношколци на трите најдобри есеи ќе бидат наградени со организирана посета во седиштето на НАТО во Брисел. Што мислат универзитетските професори за тоа?
Како членка во процес на ратификација на протоколите за целосен прием во НАТО, Република Македонија, со одредницата „северна“ за официјална употреба, се чини настојува да даде посебен придонес за седумдесетгодишниот јубилеј на Алијансата. По сите политичкоправни контроверзии и поделби во општеството за исполнување на условот за прием во НАТО, односно менување на уставното име на државата, Министерството за одбрана распиша конкурс за средношколци, за есеј на темата „НАТО и јас“, кој завршува денеска, на 29 март, а авторите-средношколци на трите најдобри есеи ќе бидат наградени со организирана посета во седиштето на НАТО во Брисел. Покрај конкурсот за есеј на Министерството за одбрана, „ГАУС институтот – фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење“ од Битола потпишал договор со Северноатлантската алијанса (НАТО) за имплементација на проектот „[email protected]“ за одбележување на 70-годишнината од формирањето на НАТО, па по тој повод има отворено јавен повик за учество во награден конкурс за едукатори и стручни соработници во улога на ментори на деца на возраст од 4 до 17 години. На конкурсот се повикуваат да се јават сите вработени во државни и приватни основни и средни училишта, градинки и центри за детски развој, кои сакаат да се вклучат во реализацијата на истражувачки активности што на младата популација би ѝ ги доближиле претставите, поимот и значењето на НАТО.
Ваквиот обид за поттикнување идентификација на малолетни личности со претставата и значењето на една воена алијанса, во целиот исполитизиран контекст на ова прашање во Македонија, предизвика исто така контроверзни реакции во јавноста.
– Не разбирам која е логиката да индоктринираш деца и да бараш да се идентификуваат со НАТО, со воена алијанса? Па нели (речиси) влеговме? Сега треба и да ги сакаме, па и поезија да им пишуваат деца?! Ваква љубов за НАТО нема ни во САД, ни во Франција, уште помалку во Германија. Ама имаме конкуренција само на Косово (ним барем држава им направија, нашата ја помножија со нула) – пишува Билјана Ванковска, професорка на мировните студии на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Овие „литературни“ конкурси на темата НАТО, наменети пред сѐ за деца, разбудија аналогии со образовните практики во едно поранешно општествено уредување, во социјализмот, кога речиси редовно беа организирани есеистички конкурси во училиштата за величање на тогашната армија – ЈНА. Некои забележуваат дека денешниве конкурси за НАТО се повикуваат на истата идеја во која имплицитно се содржани милитантни мотиви, несоодветни за деца на малолетна возраст.
– Се поставува прашањето, која е целта на ваквите проекти? Дали е тоа обид за популаризација на НАТО во македонското општество и на некаков начин да се премоделира сегашната првична асоцијација кај поголемиот дел од населението за Алијансата што поимот НАТО го изедначува со уцена за промена на името на државата? Спроведов мала анкета меѓу моите студенти на темата на конкурсот за Министерството за одбрана и резултатите се дека тие речиси и не знаат што е НАТО и главно за нив тој поим претставува синоним за уцена. Од друга страна, не знам дали во други земји-членки на НАТО се практикуваат вакви методи меѓу младите. Воопшто, колкав е степенот на информираност на децата за да восприемат и да се идентификуваат со претставите, значењето и потребите за постоење на некаква воена алијанса. Во овој момент, во Македонија ваквите конкурси можат да послужат како средство за манипулација, кое може да предизвика сосема спротивен ефект од посакуваниот. Наместо популаризација на НАТО, да биде засилена негативната конотација во неговата претстава – смета Илија Ацески, професор на студиите по социологија при УКИМ.