Во Завод и музеј – Струмица неколку илјади артефакти стојат необработени и незаштитени. Според раководството на институцијата, причина за ваквата состојба е немањето доволно конзерватори. Од установата велат дека подолго време работат само со еден конзерватор, чија специјалност е керамиката.
– Некои од наодите што ги добиваме од истражувањата на археолошките локалитети во регионот често ги обработувме благодарение на надворешни соработници, но тоа не e трајно решение, бидејќи проблемот со малиот број конзерватори е присутен на ниво на целата држава – вели Ацо Манински, директор на Завод и музеј – Струмица.
Додава дека повеќето од постојните конзерватори се пред пензија, а сѐ повеќе се наметнува потребата наодите да бидат заштитени.
– Потреба за конзервација имаат и сите фрески и икони што ги имаме по струмичките цркви. Ние имаме фрески и икони стари по стотина-двесте години што се оставени на забот на времето – додаде Манински.
Според него, едно од можните решенија е отворање на посебен конзерваторски центар со депо за сите откриени артефакти. Информира дека ја добиле зградата на Архивот во Струмица, кој треба да се пресели на друго место и во овој објект треба да бидат сместени комплетно конзерваторско одделение и центар за дигитализација на историското и културното наследство од регионот.