Светските медиуми ја објавија веста за пресудата за Радован Караџиќ, а во голем број медиуми тоа е една од најважните вести, јави Танјуг.
Асошиејтед прес пишува дека на Караџиќ му е продолжена затворската казна за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Според АП, Караџиќ не покажал речиси никаква реакција во моментот кога претседателот на Жалбениот совет, судијата Ван Јосен од Данска, ја прочитал пресудата.
Се додава дека 73-годишниот поранешен босански „моќник“ остатокот од животот ќе го помине зад решетки.
Во моментот кога се читаше пресудата, во судницата одекна аплауз, наведува АП.
Веста дека казната на Караџиќ од 40 години му е продолжена на доживотен затвор ја пренесе и Франс прес.
За тоа кој бил Радован Караџиќ – „претседател, психијатар, поет“, АФП пишува во текст под наслов „Лидерот на босанските Срби Караџиќ: воен злосторник со 1.000 лица“.
Ројтерс пишува дека е завршено едно од најважните судења поради масакрите и другите злосторства во војните на Балканот во деведесеттите години.
Потсетува дека Караџиќ во 2016 година беше осуден за масакрот од јули 1995 година, кога во Сребреница беа убиени повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња. Тогаш тој, исто така, беше осуден и за кампања со која се прокламирало етничко чистење кое ги протера Хрватите и муслиманите од српските територии во Босна.
Би-Би-Си наведува дека масакрот во Сребреница е најголемиот ужас во Европа од Втората светска војна и ја пренесува изјавата на Караџиќ дека пресудата е заснована на „гласини“.
„Гардијан“ пренесува дека Караџиќ беше уапсен во Белград во 2008 година и е еден од последните воени злосторници од Босна, кој се наоѓа во Хаг.
Во хрватските медиуми, пресудата за Караџиќ е најважна вест.
„Јутарњи“ пренесува дека судот во Хаг потврдил оти Караџиќ извршил злосторства со невидени размери и бруталност.
– Виновен е за геноцид, злосторства против човештвото и етничко чистење на муслиманите и Хрватите.
„Вечерњи лист“ имаше свој новинар во судницата, кој информира дека Караџиќ не покажал никакви реакции на пресудата.
Босански „Кликс“ пренесува и видео снимка на која е регистрирана реакцијата на Караџиќ во моментот на изрекување на пресудата.
„Аваз“, како најважна вест, објавува „Доживотна робија за крвникот“.