„Show must go on“, „We are the championis“, „I want to break free“, „Radio Ga Ga“, „We will rock you“, „Bohemian rhapsody“… ќе бидат само дел од репертоарот на концертите на групата „Риал квин трибјут“, од кои првиот е вечерва, во 20 часот, во „Станица 26“. Следуваат уште два, в петок и сабота. По импресивниот концерт во Скопје, во Градскиот парк, заедно со Македонската филхармонија, по концертите во Кина, Франција, Швајцарија, по распродадените концерти во Белград и Загреб, најголемиот светски трибјут на „Квин“ повторно доаѓа во Скопје. Бендот има настапи низ половина свет, само во Бразил одржа повеќе од 70 концерти и е ангажиран на сите поголеми фестивали и конвенции. Радос Капин, Иван Џерфи, Иван Ристановиќ и Ненад Бојковиќ веќе 14 години неуморно ги изведуваат легендарните „Квин“. Прошетале низ светот, а нивната авантура допрва почнува.
Зошто токму „Квин“?
Радос Капин: Бидејќи го сакаме бендот и секогаш е предизвикувачки, авантуристички и забавно да се изведуваат нивните песни.
Колку време организирате турнеи низ светот? Како почна сѐ?
Иван Џерфи: Практично од првиот ден. Првото шоу го направивме од забава, немавме намера да ни стане работа. Вежбавме неколку недели и имавме свирки во еден одличен рок-клуб „Земун“ од Белград. Одлично поминавме и нашиот турменаџер, кој и ден-денес ни е менаџер, ни се претстави и ни понуди дали сакаме да организираме почесто вакви шоуа. Се согласивме и еве кај сме сега. Тоа, инаку, беше во 2005 година.
Која е најфасцинантната работа кога станува збор за изведба на „Квин“?
Иван Ристановиќ: Патувањето, секако. Посетата на најјаките места низ светот. „Квин“ дефинитивно е глобална работа. Се запознаваме со обожавателите од најегзотичните места во светот. И сите сакаат да бидат дел од концертите и шоуата токму поради „Квин“. Светот е побезбедно место кога ја ширите музиката на „Квин“.
Што сметате дека го прави „Квин“ и по толку години исконски, безвременски бенд?
Ненад Бојковиќ: Сметам дека тоа е комбинација од неколку работи. Тие се класичен рок-бенд, со голема доза екстраваганција. Сѐ е подолго од животот кога станува збор за нивната музика, слика и перформанс. Ги имаме Ленон, Мекартни, Џегер, Ричардс, па оттука „Квин“ е поинаков тип „животна филозофија“. Тие сите пишувале музика. И тоа одлична музика. Топ-хитови. Тоа е навистина уникатно и неповторливо.
Омилена песна?
Радос Капин: Тешко прашање. Секој член од нашиот бенд си има своја омилена песна. Мислам дека сите ќе се согласиме дека од овие рок-песни сите ние се ежиме, и тоа секоја вечер: „Bohemian Rhapsody“, „We Will Rock You“, „Show Must Go On“, „We Are The Champions“, песни во кои и публиката има удел.
Вие сте бенд на кој публиката посветува внимание речиси на секоја нота. Дали е тешко да се достигне нивото што го постави „Квин“ во музиката?
Иван Џерфи: Веруваме дека кога си ја сакаш работата ништо не е тешко. Настрана од нивната музика, која е монументална, мораме да истражуваме, да посветиме внимание на сите детали, да ги составиме сите делови од сложувалката што го прават „Квин“ извонреден бенд. Сѐ треба да се земе предвид, правиот костим, вистинскиот сет на тапани, вистинската гитара со вистинските пикапс, свирењето на Брајан Меј со сикспенс (британска паричка), баш сѐ. И цело време е забавно и би рекле дека не е тешко ништо, барем за нас.
Фреди има специфичен и неспоредлив глас. Деликатно е да се пее Фреди?
Ненад Бојковиќ: Комплицирано е. Нашиот лидер мора да има долго и силно загревање пред секое шоу. Другите се кријат зад своите инструменти, може да ја вежбате музиката неколкупати дневно, но гласот е навистина сензитивен инструмент. И доколку го повредиш, е крај, затоа мора да си многу внимателен. Дури и Фреди еднаш кажа дека тој не е пејач и можел да пее секоја вечер. Тој постави високи граници, што е уште потешко за некој што не е Фреди, ме разбирате што ви зборувам.
Иван Ристановиќ: Предизвикувачки е. Понекогаш е лудо, психички исцрпувачко, но најлошо би било доколку не уживав во пеењето и целиот репертоар на „Квин“. Сѐ е полесно кога си во расположение на фразата „едвај чекам да почне шоуто и да сум со вас, дечки“. И секогаш си велиме да не се возбудуваме многу, да останеме сталожени, за да не предизвикаме да излезе добро како што сме планирале. Како возење на ролеркостер. Преплашени сте, но сепак уживате да го правите тоа и чувствувате како луѓето ве гледаат како двојници на „Квин“.
Која е вашата рецензија за филмот „Боемска рапсодија“?
Ненад Бојковиќ: Ние сме хардкор-обожаватели на бендот и ги знаеме сите детали што се вметнати во филмот. Би сакале да видиме повеќе од борбата за успех, дел од елементите што се забранети, односно се за повозрасната публика, како и најмрачните тајни. Можат да се најдат на интернет ако се направи мало пребарување. Од друга страна, успешно помина филмот, одеднаш сите повторно го засакаа „Квин“. Добија и нови помлади обожаватели, деца што дури и претходно не чуле за бендот. Најинтересен дел е да се види како Брајан и Роџер сакаат да се запаметени. Инаку се сомневаме дека на Фреди би му се допаднал. Џон Дикон не ни сакал да биде вмешан. Не можеш да сфатиш!
Што подготвувате за Скопје?
Радос Капин: Прво сме воодушевени од одѕивот на публиката. Првиот и вториот концерт се продадоа во максимално кратко време. Сега имаме три шоуа, а првично договорот беше само за еден. Па, сакаме да направиме секоја ноќ да биде специјална и посебна. Се подготвуваме. И доколку некој присуствува на сите, ќе добие комплетна слика. Ќе ве држиме во мистерија.