Реалниот раст на економијата лани, според објавените информации на Народната банка, е 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто.
– Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 отсто, на годишна основа, што е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции. Од аспект на структурата на растот, подобрите остварувања главно се објаснуваат со повисокиот раст на личната и јавната потрошувачка во однос на очекувањата од проекциите. Во согласност со очекувањата, бруто-инвестициите исто така имаат раст, нешто помал од проектираниот. Гледано за целата 2018 година, реалниот раст на економијата изнесува 2,7 отсто и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто – наведуваат во соопштение од Народната банка.
За првиот квартал на оваа година, додаваат дека во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата. Сепак, достапните податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, при забрзан раст на активноста во индустријата и натамошен раст на прометот во трговијата.
Во првите два месеца од годината просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,1 отсто и е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Оцените за движењето на повеќето од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Во вакви услови, наведуваат од Народната банка, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2019 година од два отсто тековно се оценуваат како надолни.
Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за февруари годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите, со поволни поместувања од аспект на валутната и секторската структура.
Ликвидноста на домашните банки и натаму се зголемува, при што активноста на меѓубанкарскиот пазар на депозити е релативно мала. Вишокот слободни парични средства е пренасочен кон расположливите депозити кај Народната банка, што, како што стои во соопштението, овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти. Е.Р.