Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со оглед на тоа што во периодот од 2014 до 2016 година има по нешто повеќе од 100 одработени казни, а за 2017 и 2018 година има по околу 40, се поставува прашање дали овие податоци укажуваат на поголема внимателност или само на едноставно намалување на одработените казни во изминатите две години

Лошите навики на фрлање секаков отпад по јавните површини станаа доминантни, пред сѐ во градските средини, иако веќе со години се казниви. Најчестиот изговор е дека во близината нема никакви садови за складирање на отпадот или дека тие што ги има сѐ нефункционални. Но тоа што нема доволно канти за отпадоци не го оправдува ваквото однесување на некои граѓани. Барем оние што биле казнети знаат колку ги чинело тоа, бидејќи казната е парична. Некои граѓани избираат паричните казни да ги заменат со општокорисна работа, зашто законот им го дава тоа како можност. Наместо да бркнат подлабоко во џебот, облекуваат работна униформа, ги засукуваат ракавите и одат според веќе даден налог да исчистат некој парк, улица или тротоар.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на минатата година во земјава 51 граѓанин во полициските станици доставиле потврди за извршена општокорисна работа, а вкупно 46 граѓани ги платиле казните. Висината на предвидената глоба за вакви прекршоци, според Законот за јавна чистота, изнесува 50 евра. Најчестото образложение помеѓу казнетите граѓани зошто избираат да ја заменат паричната казна со извршување општокорисна работа е немањето пари. Велат дека и онака малиот семеен буџет е недоволен за да се покријат месечните трошоци во домот, а не пак уште и да се отплаќа казна.

– Пред некое време јас и мојот пријател направивме прекршок, фрливме лименки на земја, и поради тоа требаше да платиме казна од педесет евра. Кога размисливме подобро, јас и мојот пријател сфативме дека не сакаме дополнително да ги оптоваруваме финансиски нашите дома. За да не бараме пари од дома за нашето недолично однесување, одлучивме на поинаков начин да ја одработиме казната – вели млад скопјанец, кој својата казна ја платил преку неколкудневно чистење на скопските улици.

Според информациите од МВР, оние што направиле прекршок, биле казнети и не сакале или немале пари да платат, лани биле најмногубројни во Скопје. На територијата на СВР-Скопје, 22 од вкупно 51 граѓанин однеле потврда дека извршиле општокорисна работа. Следни на листата се велешани, а по нив штипјани. Според податоците за претходната година, најнеодговорни биле скопјани.

Според извештаите на градот Скопје за минатите години, во 2017 година се евидентирани 36 потврди за извршена општокорисна работа, во 2016 година се 103, додека во 2015 година 108 потврди.

– За 2018 година вкупно 46 лица платиле мандатни платни налози за наплата на глоба за регистрирани прекршоци по Законот за јавна чистота и Законот за заштита од пушењето, најмногу на подрачјето на СВР-Скопје, дури 18, додека СВР-Охрид има шест, а СВР-Велес пет.

Со оглед на тоа што во периодот од 2014 до 2016 година има по нешто повеќе од 100 одработени казни, а за 2017 и 2018 има по околу 40, се поставува прашањето дали овие податоци укажуваат на поголема внимателност или само на едноставно намалување на одработените казни во изминатите две години. Интересен е податокот што е наведен во извештајот за 2017 година од градот Скопје, каде што 832 лица ги платиле казните, во споредба со податокот од 2018 година, каде што вкупно 46 граѓани платиле за она за што биле казнети. Всушност, податоците укажуваат дека се намалува одработувањето на општокорисната работа, како и плаќањето казни.

Оттаму, се поставува прашањето дали не се казнува толку или, пак, граѓаните изминатава година станале посовесни. Како и да е, (не)чистотијата во главниот град е на исто ниво.


Шанса и за осудените за полесни кривични дела

Еден временски период замената на паричната казна со затворска беше поприфатлива за голем дел од македонските граѓани. Колку за илустрација, според наши претходни истражувања, во текот на 2012 година заменскиот затвор бил избран во 723 случаи, а во првите шест месеци од 2013-та бројката на овие случаи изнесувала 364. Со други зборови, секој месец по 60 осуденици, наместо да дадат пари, ја одбирале затворската ќелија.
Сега, пак, затворските казни за полесните кривични дела можат да се заменат со извршување општокорисна работа. Осудените лица за полесни кривични дела, за кои е пропишана затворска казна под три години, можат да извршуваат општокорисна работа во јавните претпријатија на градот Скопје, во согласност со Законот за пробација, донесен во 2015 година.