На улицата Брадфордска ќе биде извршена целосна реконструкција на коловозот, со вкупна површина од околу 2.500 квадратни метри. Исто така ќе се реконструира и тротоарска површина од 273 квадратни метри. Оваа сообраќајница ќе се обнови во вкупна должина од 200 метри на потегот од крстосницата со булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов до крстосницата со улицата Козле. Екипи на градот Скопје веќе работат на реконструкцијата на коловозот на Брадфордска во населбата Козле, во скопската општина Карпош. Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 5,3 милиони денари.
– Со почетокот на градежната сезона, градот Скопје ги интензивира градежните активности на градските сообраќајници. Се наоѓаме на улицата Брадфордска, која веќе десет години е раскопана и со денивелација на шахтите и е голем проблем за скопјани. Овде, во практика, може да се види и новиот комунален ред што го воспостави градот Скопје, а тоа е компаниите на отворен повик да се пријават за извршување прекопи, бидејќи потоа нема да биде дозволено. Очекувам во наредните денови да се интензивираат градежните активности и до крајот на месецот да имаме целосно реконструирана и побезбедна улица за сите учесници во сообраќајот – рече вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, откако изврши увид во градежните работи.
Градоначалникот истакна дека градот Скопје ќе продолжи со интензивната градежна сезона во наредниот период, со реконструкција и проширување на повеќе булевари и улици. Реконструкцијата на улицата Брадфордска е предвидено да заврши до крајот на овој месец. Поради градежните активности, на оваа сообраќајница ќе биде воведен привремен сообраќаен режим.