Воблерот е мамка што имитира ранета риба и на тој начин претставува предизвикувачки и лесен плен за сите риби грабливки
Воблерот (доаѓа од англискиот збор „wobble“ што значи нишање, тетеравење) е мамка што имитира ранета риба и на тој начин претставува предизвикувачки и лесен плен за сите риби грабливки. Се употребуваат најмногу и имаат широк спектар бои, форми, големини, длабина на нуркање, начини на работа…
Воблерот се состои од тело, жица, т.н. пакта, алки со јадици. Телото на воблерот може да биде направено од разни материјали – дрво, полутврда пена, крута пена, пластика и слично. Телото на воблерот може да биде издолжено, со сплескани страни, и вретенесто, во форма на крушка, или нешто сосема трето, а може да биде едноделно, дводелно или составено од повеќе сегменти.
Жицата што се користи за внатрешноста на воблерот мора да биде цврста, со соодветна цврстина, а да не биде претешка, бидејќи може да го измести балансот на воблерот. Жицата треба да поднесе релативно големо оптоварување, особено кога станува збор за риболов на поголеми риби грабливки.
Пактата е дел на воблерот што е најодговорен за неговата функционалност, динамика и правец на движење, а приспособена на типот и на текот на водата. Тие вообичаено се прават од поликарбонат или од пластика, а поретко од метал. Во зависност од положбата и обликот, како и нивната големина, воблерите може да бидат плиткоронци, средноронци, длабокоронци и спер-длабокоронци.
На воблерот може да има една, две или повеќе трокуки, кои се значајни за задржување на уловот при вадењето и токму затоа секогаш треба да се обрне внимание на квалитетот на трокуките на воблерот. Отежнувањето е различно кај воблерите и зависи од типот на воблерот. Должината на воблерите е различна и варира од минијатурни, кои се од околу еден см, па до дваесетина см, а во некои екстремни случаи се и поголеми. Исто така, постојат воблери со силна и слаба вибрација. Со нив риболовците се трудат да постигнат разни длабочини, во зависност од слоевите на водите што сакаат да ги испитаат.
Постојат и пливачки, тонечки и лебдечки воблери, а сите тие можат да бидат плиткоронци, средноронци, длабокоронци. Воблерите може да бидат тивки или со тропалка, односно со празна комора во телото и со челични куглички во комората, кои при работа на воблерот прават дополнителни звуци, кои често позитивно влијаат на активноста на рибите грабливки.
Исто така има и едноделни повеќеделни воблери. Повеќеделните обично имаат посилна вибрација од едноделните, попопуларни се кај риболовците, а и поефикасни во ловот на одредени видови риби.
Изум на Финецот Рапала
Историјата на воблерите почнува во Финска. Во 1936 година Лаури Рапала, со желба наместо живи мамки (за кои е потребно многу труд да се одржат во живот и брзо стануваат неупотребливи на јадицата), да направи нешто што на рибите ќе им изгледа како плен (и ќе може да се користи повеќепати), зел нож и парче плута и почнал да оформува рипче. Така бил создаден првиот воблер, кој благодарение на фолијата од чоколадо бил со сребрен сјај. Тој модел и денес се произведува во семејството Рапала.