Руски структури, вклучувајќи ја и интернет страницата на претседателот Владимир Путин, редовно се мета на кибер напади од САД и Европа, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој, коментирајќи ги пишувањата на американски медиуми за кибер напад на американската војска врз руската Агенција за истражување на интернет во текот на изборите за Конгрес, кои се одржаа минатата година, рече дека не знае дали податоците за тој кибер напад се веродостојни.
– Но, генерално гледано, голем број на кибер напади, на константна база, се реализираат од територијата на САД против разни организации, правни и физички лица. Тоа е реалноста во која живееме, рече Песков.
-Не велам кој може да стои зад овие напади, но потврдуваме дека голем број од нив се организирани на константна база. Ги следиме тие кои стојат зад нападите, на пример на интернет страницата на претседателот. Тие се од Европа, Северна Америка и така натаму, вели Песков.