Портпаролот на Сириските демократски сили (СДФ) Мустафа Бали соопшти дека во тек се спорадични судири со припадниците на терористичката Исламска држава во селото Багуз, нивното последно упориште во Сирија.
Командантите на СДФ, на чие чело се курдските единици кои ја имаат поддршката на САД, тврдат дека исламистите ги спречуваат цивилите да го напуштат селото.
Околу 300 екстремисти, заедно со цивили – дел од кои се нивни семејства, повеќе од една недела се под опсада во шаторската населба Багуз. Бали вели дека цел на спорадичниот оган од позициите на СДФ е да се изврши притисок врз екстремистите за да им дозволат на цивилите да го напуштат местото. По евакуацијата на преостанатите цивили од Багуз ќе биде спроведен конечен напад врз преостанатите борци на ИД.
Со падот на Багуз ќе биде ставен крај на територијалната власт на ИД во вид на самопрогласениот „калифат“, кој во еден момент се простираше на третина од територијата на Сирија и Ирак.