Премиерот Зоран Заев денеска побара оставка од директорот на затворот „Шутка“ Ѓоко Котевски, по вчерашните два инцидента во дворот на оваа казнена институција, во кои имало повредени притвореници.
Премиерот го осуди самиот чин, и наведе дека без разлика на тоа кој е виновен за инцидентите, тој побарал одговорност од директорот. Оставката тој ја очекува најдоцна до понеделник.
– Рано сабајле се слушнав со директорот, кој ми даде устен извештај за тоа што се случило. Го осудувам инцидентот без разлика кој провоцирал или кој како постапил. Деталното образложение што ми беше дадено го сфаќам и верувам дека истрагата ќе ги покаже сите детали, но во име на одговорноста не можам да прифатам дека директорот на затворот и луѓето таму определени да се грижат за безбедноста додека трае терминот за прошетка во самиот затвор, да се случи истовремено уште еден настан после 45 минути или саат. Тоа во најмала рака покажува без разлика дали имало провокација или не, дека некој не си ја завршил својата работа, изјави премиерот Заев.
Зад ваквата одлука застанала и министерката за правда Рената Десковска.
-Случајот заслужува и ќе има истрага. Треба да се види дали и каде е направен пропуст. Мора да има одговорност кој дозволил да има близок контакт меѓу овие две групи, без разлика дали тоа е вообичаена пракса или не. Во конректнава ситуација треба да се прави проценка за одредени ризици, рече министерката Дескоска.
Таа смета дека доколку имало и физички напад и контакт, има простор истрага да поведе и јавен обвинител, а со случајот може да се занимава и Народниот правобранител.