Грбиќ во 2011 година беше примен во светската одбојкарска „Куќа на славните“

Намерата е преку спортот да ги поврземе клубовите и да ги анимираме децата да се занимаваат со спорт, да ги оттргнеме од прекумерното седење пред компјутери. Тргнуваме со одбојката, со мојот спорт, но немам намера да застанам тука, вели Владимир Грбиќ, светската одбојкарска легенда, во чиј проект од 1 септември треба да се вклучат 8.000 деца од 67 града (меѓу нив и од Скопје) од 10 земји

Елоквентен, со јасна мисла, прецизен во објаснувањата, сигурен и убедлив во тоа што го кажува. Такoв впечаток остава Владимир Грбиќ-Вања (48), српската, европска и светска одбојкарска легенда, освојувач на десетина трофеи од најголемите европски и светски натпреварувања под знамето на Југославија, Србија (и Црна Гора), меѓу кои најсјаен е златниот медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2000 година во Сиднеј, Австралија. Повеќе години со голем успех настапуваше за клубови во Италија, Бразил, Јапонија, Грција, Русија и во Турција. Во 2011 година беше примен и во светската одбојкарска „Куќа на славните“ во Холиоки, Масачусетс, САД.

Деновиве Грбиќ беше во посета на Скопје, како гостин на одбојкарскиот клуб Јанта волеј и одржа час по одбојка во рамките на промоцијата на амбициозниот проект што е финансиран од неговата фондација.

– Станува збор за колосален проект, за кој подготовките ги почнав пред четири години, а со работа би требало да почнеме од 1 септември 2019 година. Во проектот ќе бидат вклучени вкупно 67 града од 10 земји, Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија, Романија и Унгарија, или вкупно над 8.000 деца. Секој град ќе треба да даде по осум тренери. Фондацијата ќе ги плаќа тренерите, кои ќе работат според одредена програма, а во проектот ќе биде вклучен и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Намерата е преку спортот, во конкретниот случај одбојката, да ги поврземе клубовите од регионот и да ги анимираме децата да се занимаваат со спорт, со одбојка, да ги оттргнеме од прекумерното седење пред компјутери и практикувањето разни електронски игри.

Потребен е здрав развој на децата, бидејќи статистиките се поразителни и велат дека над 90 отсто од нив имаат искривен `рбети и рамни стапала и дијабетесот е во пораст. Тргнуваме со одбојката, со мојот спорт, но немам намера да застанам тука – вели Грбиќ.

Посетата на Скопје и соработката со Горан Јаневиќ од ОК Јанта волеј, кој ќе ја координира работата во Скопје, е дел од прекуграничниот проект, во кој покрај Скопје (општина Кисела Вода), се вклучени Медвеѓе, Лепосавиќ и Прокупље од Србија. Во Кисела Вода ќе бидат опфатени 120 деца на возраст од 9 до 18 години, кои организирано ќе тренираат во текот на целата година.

– Покрај тренинзите, планирани се тестирања на секои три месеци, проверки, мерења. Сакаме да промениме нешто во начинот на работа со најмладите, бидејќи веќе не постојат никакви морални принципи и вредности, секаде се работи краткорочно, само за пари, се оди на резултат. Сѐ се сведува на комерцијализација од најмала возраст, а 95 отсто од тренерите што работат со деца немаат соодветно образование и знаење за тоа како треба да се работи со нив, како да се следи нивниот физиолошки развој. Тоа сакаме да го промениме. Не е уметност да се создаде врвен одбојкар, спортист. Уметност и знаење е да се препознае талентот и да му се помогне да го развие максимално – истакнува Грбиќ.

Според Грбиќ, формирањето регионална одбојкарска лига е реална и лесно остварлива опција.

– Зошто да не, убеден сум дека е можно нешто како балканска лига. Уште во 1997 година разговарав на таа тема со Александар Боричиќ (претседател на Европската одбојкарска конфедерација, ЦЕВ – н.з.). Но треба добро да се промисли околу целата работа, да се утврдат ингеренциите. Словенија и Хрватска, на пример, спаѓаат во друга регионална организација, во Средна Европа, другите се членки на Балканската асоцијација. Искрено, сакам такво нешто, бидејќи во регионот сме поврзани по повеќе работи. А одбојкарите повеќепати покажаа дека се над сѐ што ни се случуваше на овие простори минатите децении – вели Грбиќ.


Македонија може многу на ЕП

Пласманот на Македонија на ЕП 2019 за мене не е изненадување, тоа секако е успех, но за да не се застане само на тоа, потребно е надлежните во државата да помогнат многу повеќе, како во ракометот на пример. Инаку, на резултатски план мислам дека можете многу. Две работи решаваат во одбојката и во спортот – главата и срцето, од тоа колку верувате во себе и во тимот. Тоа не може да се тренира, односно може, но треба многу време за тоа. Има повеќе кандидати за висок пласман, Италија, Франција, Полска, Холандија, Бугарија, секој секого може да победи. Србија може да биде најдобра, но и да загуби од секого, нема средина. Посакувам што повеќе репрезентации од регионот во завршницата, барем три, вели Владимир Грбиќ.


Импресиониран од Гвардиола и од Ѓоковиќ

Гледам и ги сакам сите спортови, без исклучок. Порано го следев Интер, кога играв во Италија, од 1992 до 1995 година. Ја следев работата на Пеп Гвардиола во Барселона пред неколку години и сега во Манчестер сити, навистина ме импресионира. Многу го почитувам и Новак Ѓоковиќ. Неговото враќање на светскиот врв по повредата на раката што ја влечеше подолго време беше фантастично. Но проблемот кај него не беше во физиката, туку во главата. Тој мораше да се бори сам со себе, да си ја врати самодовербата, знам како е, и јас имав сличен проблем. Најголеми спортисти не се тие што ќе победат некого, туку тие што кога ќе бидат победени, ќе станат и ќе продолжат да се борат, повторно и повторно, изјави Владимир Грбиќ.


Златото од ЛОИ 2000 не се споредува со ништо

Сите освоени трофеи и пехари во кариерата се вредни на свој начин. Прв е од општинското школско првенство, кога бев во осмо одделение, потоа победата на школската олимпијада, првпат тогаш го покажав карактерот, тогаш татко ми првпат, и последен, ме бакна во знак на почит, па 1989-та, кога ја освоивме Балканијадата, првиот освоен куп во 1994-та, па бронзата на ЛОИ 1996 во Атланта, тоа беше неочекувано, чудо. Златото во Сиднеј во 2000 година е над сѐ, не се споредува со ништо. Олимписко злато обично не освојува најдобриот туку тој што најмногу ја сака победата. Во колекцијата трофеи ми недостига клупско европско злато, бев трет, а имам три купа ЦЕВ. Но понекогаш медалите и титулите не се најважни, вели Владимир Грбиќ.


Ќерките ја продолжуваат семејната традиција

Владимир Грбиќ потекнува од одбојкарско семејство. Неговиот татко Милош Грбиќ со репрезентацијата на СФР Југославија има освоено бронзен медал на ЕП 1975. Неговиот помлад брат Никола, сегашниот селектор на Србија, исто така има освоено голем број медали на големите натпреварувања, а од 2016-та и тој е дел од „Куќата на славните“, со што се единствените браќа во тоа почесно друштво.
– Наследници гледам во децата со кои работам. Инаку, двете постари ќерки тренираат одбојка (Владимир има три ќерки и еден син – н.з.), но нема да ги присилувам на кој било начин да бидат врвни одбојкари. Сакам да си играат, сите деца треба го прават тоа до 16-та година, потоа почнува сериозната работа. Јас нема на моите деца да им кажувам што да прават, но ќе ги подготвам да го донесат вистинскиот избор во спортот и во животот – рече Грбиќ.


Риболовот ме одмора и ме регенерира

Риболовот е мојот начин за регенерирање. Одам со луѓе слични на мене, или одам сам, на места што ме инспирираат, одам да се одморам. Немам омилени места, но жалам што многу реки и езера се уништени во регионот, освен во Словенија, која успеа да ги зачува природните водни ресурси и да профитира од тоа. Не сме свесни каква природа имаме на овие простори и колку треба да ја чуваме, изјави Владимир Грбиќ.