В сабота, 16 февруари, со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет, ќе се изведе романтичарската опера „Хофманови приказни“ на Жак Офенбах, во која поетот Хофман ги раскажува своите вонвременски приказни за љубовта.
Либретото на француски јазик е напишано од Жил Барбиер и е базирано на три кратки приказни, напишани од страна Е.Т.А. Хофман. Како главен протагонист во операта е искористен Хофман лично. Барбиер и Мишел Кери претходно имале реализирано претстава „Хофманови приказни“, која била продуцирана во театарот „Одеон“ во Париз во 1851 година и која Офенбах ја имал гледано.
Приказните на Хофман се карактеризираат со нијанси на емоции проследени со алегориски фигури: љубов, добро и зло. Разочаран и исцрпен, Хофман се буди како од кошмар за да сознае дека вистинската убавина и вистинската љубов се наоѓаат во нас…
„Хофманови приказни“, која самата по себе плени со прекрасна музика, ги следи доживувањата на боемот Хофман, но плени и со впечатлив наративен спој на настани од реалноста завиени во научнофантастичен контекст. Диригент е Андреа Черта (Италија), режисерка е Урсула Хорнер (Австрија), сценографка – Марија Ветероска, костимографка – Марија Пупучевска, а кореографки се Урсула Хорнер и Олга Панго.
Во операта настапува многубројна солистичка екипа: Хофман – Рафаел Алварез (Мексико), Никлаус – Николина Јаневска, Олимпија – Наде Талевска, Џулиета – Марија Наумовска, Антонија – Дашира Ахмети – Крлиу и др.
Учествуваат хорот и оркестарот при МОБ.