Француското Национално собрание денеска со огромно мнозинство, во првото читање, го усвои контроверзниот закон „против насилниците“ на протести, јави дописникот на МИА.
Законот е усвоен со 387 гласови „за“, 92 „против“ и 74 „воздржани“.
„За“ предложениот законски текст гласаа пратеници на владејачките центристички партии – Република во движење (РЕМ) и Демократско движење (Модем), како и на опозициските конзервативни Републиканци (ЛР) и на либералната Унија на демократи и независни (УДИ), додека народните избраници од редовите од левицата беа „против“. Текстот ќе се разгледува во Сенатот во второ читање на 12 март.
Француската Влада сака брзо усвојување на законот во услови на редовните протести на „жолтите елеци”.
Вкупно 50 пратеници од редовите на РЕМ, најавија дека нема да гласаат за законскиот текст, несогласувајќи се со членот за воведување административна забрана за одржување протести. Сепак, при гласањето тие беа воздржани, што претставува рекордна воздржаност на претеници од валдејачкото мнозинство за еден текст предложен од Владата.