Рускиот велемајстор и 14-ти по ред светски шаховски првак Владимир Крамник (43), по завршувањето на 81-то издание на турнирот во Вајк ан Зе, најави пензионирање од активното играње класичен шах, што, секако, предизвика изненадување во шаховскиот свет. Тој вели дека одлуката ја донел пред неколку месеци и сега ќе се фокусира на шаховски проекти поврзани со училишното образование, но и тоа дека е можно повремено да игра забрзан и брз шах.
– Веќе одлучив да ја завршам мојата професионална шаховска кариера пред неколку месеци, но сега сакам јавно да го објавам тоа. Животот на професионален шахист беше едно одлично патување и многу сум му благодарен на шахот за сѐ што ми даде. Понекогаш беше тешко, понекогаш поуспешно отколку што некогаш можев да замислам, но, во секој случај, сето тоа за мене беше бесценето човечко искуство. Отсекогаш сум се обидувал да го дадам најдоброто во шаховската игра – рече Крамник.
Крамник беше светски првак од 2000 до 2007 година (шампион стана на 25 години, со што е еден од најмладите светски прваци), кога успеа да го победи славниот Гари Каспаров (8,5-6,5), не загубувајќи ниту една партија, а потоа и ја одбрани титулата во дуелите со Петер Леко (2004) и со Веселин Топалов (2006). Крамник може да се пофали и со тоа што триумфирал речиси на сите врвни турнири (Дос Херманос, Хорген, Тилбург, Линарес, Дортмунд, каде што победи 10 пати, Лондон), вклучувајќи го и Вајк ан Зе во 1998 година иако годинава заврши како последен, 14-ти, со 4,5 поени.
– Сега би сакал да се концентрирам на проекти што ги развивав претходниве месеци, особено за шахот за деца и во образованиетo – вели Крамник, кој со 16 години настапи за Русија на Шаховската олимпијада (ШО) во Манила, шокирајќи го светот со освоените 8,5 поени од можни девет за индивидуално злато.
Популарниот Влад на ШО (вкупно 36 победи, 50 ремија и само четири порази) освоил четири златни, два сребрени и два бронзени медали и четири индивидуални златни медали. Во јануари 1993 година, Крамник првпат влезе меѓу најдобрите 10 шахисти во светот, кога имал само 17 години.
ВЛАДИМИР КРАМНИК
Роден: 25 јуни 1975 година
Успеси: светски првак од 2000 до 2007, победник речиси на сите врвни турнири, по четири екипни и индивидуални злата од шаховски олимпијади
Најголем рејтинг: 2.817 во октомври 2016 година (осми најголем рејтинг на сите времиња)
Највисок пласман на листата на ФИДЕ: 1. место во 1996 и во 2008 година