Бројот на крвни единици собрани во 2018 година во Општина Кичево е зголемен во однос на претходните години, а на листата на нови крводарители се и поголем број на млади лица, кои за прв пат ја подаваат својата рака. Според проценките на вработените во ОО Црвен крст од Кичево, зголеменото крводарување се должи и на двете акции реализирани во фабриката за заштитни перничиња Џојсон, која работи веќе неколку години.
-Со задоволство можеме да констатираме дека бројот на крви единици собрани во нашата општина во 2018 година е зголемен во однос на претходните неколку години. Така ланската година собрани се вкупно 971 крвна единица во 14 крводарителни акции и забележан е пораст од 12 проценти споредено со 2017 година, кога се собрани 869 крвни единици во 11 крводарителни акции или претходната година имавме номинално зголемување за 102 крвни единици – вели Бесник Селими секретар на ОО Црвен крст-Кичево.
Според неговите зборови порастот се должи на повеќе фактори, од зголемување на свеста на граѓаните да му помогнат на лице во неволја и секако ново отворената фабрика „Џојсон“ каде се вработени над 1 500 работници и од каде доаѓаат се повеќе доброволни дарители на крв.
-Можеме да констатираме дека порастот на крводарувањето во нашата општина покрај останатите фактори се должи и на зголемувањето на свеста на граѓаните да помогнат на лице во неволја, но носечки фактор пред се е ново отворената фабрика „Џојсон“ каде се вработени над 1 500 работници и каде одзивот на вработените е исклучително висок. Токму затоа во оваа календарска година и во наредниот период во истата фабрика ќе спроведуваме по две крводарителни акции во текот на годината, со цел континуирано да го зголемуваме крводарувањето во нашата општина – додаде Селими.