Скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против татко и син од Скопје за неовластено поседување оружје и дрога. Таткото, како што соопшти денеска Обвинителството е во куќен притвор, а на синот му се определени мерки на претпазливост од судија на претходна постапка.
-Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против две лица – татко и син, кај кои при претрес беше пронајдено огнено оружје и дрога. На таткото му се става на товар дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и кривично дело – недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Неговиот син, пак, е обвинет дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, се наведува во соопштението од OJO.
На 22 ноември минатата година, при претрес на домот на обвинетиот татко во селото Кучково, било утврдено дека тој кај себе неовластено држел огнено оружје, поголемо количество муниција, како и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети. Освен ова, кај осомничениот била пронајдена и наркотична дрога – марихуана со нето маса од 0.80 грама и вага со траги од наркотична дрога.
На истиот ден бил извршен претрес и во домот на неговиот син во Скопје, кај кого била пронајдена наркотична дрога марихуана со нето маса од 60.8 грама, спакувана во една полиетиленска кеса.
Заедно со обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетиот татко. За синот се уште сé на сила определените мерки на претпазливост од страна на судијата на претходна постапка, велат од Обвинителството.