Организаторите ја применуваат т.н. стресна скала, која досега го достига нивото од 3,7, четири ќе значи дека играчите добиваат 10-минутна пауза, а натпреварите се прекинуваат кога на скалата ќе биде достигната петката
На првиот годинашен тениски гранслем-турнир, Австралија опен во Мелбурн, нема некои поголеми изненадувања, ако се изземе елиминацијата на Енди Мареј во првата рунда. Фаворитите, меѓу нив и ланските победници, Роже Федерер и Каролине Вознијацки, потоа Слоун Стивенс, шампионката од Њујорк во 2017 година, без поголеми проблеми веќе стигнаа до третата рунда (Федерер по 20-ти пат).
Што се однесува до високите температури и топлото време, тие не се како минатите години кога им создаваа големи проблеми на тенисерите. Првите денови жештината е релативно поднослива и температурите не ја поминаа границата од 35 степени, иако е забележливо дека наголемо се користат влажни пешкири, ладни пијалаци или т.н. „вратни колбаси“, поточно пластични туби наполнети со мраз и завиткани во пешкири. Тие се доста популарни и барани во Мелбурн и ги користат неколкумина.
Организаторите внимателно ја следат ситуацијата и се подготвени да ја применат новата топлотна политика или стресна скала од еден до пет, која се пресметува врз основа на температурата на воздухот, на силата на сонцето и на влажноста и брзината на ветерот, и која досега го достига нивото од 3,7. Во превод тоа значи дека кога е еден на скалата условите за играње се сметаат за умерени, а кога на скалата е четири, играчите добиваат 10-минутна пауза. Натпреварите се прекинуваат кога на скалата ќе биде достигната петката. Со најновите промени воведена е 10-минута пауза помеѓу третиот и четвртиот сет во машка конкуренција, односно помеѓу првиот и вториот сет кај жените, кога топлотната стресна скала е помеѓу четири и пет.
Во наредните денови во Мелбурн не се очекуваат некои поголеми промени, температурите се очекува да не бидат повисоки од 33 степени.
– Здравјето на сите што настапуваат во Мелбурн ни е приоритет и затоа се решивме за ваква скала по неколкумесечни размислувања и тестирања во термалната лабораторија во Сиднеј. Мислам дека тоа е битно и затоа што играчите ќе можат да го гледаат мерачот и да знаат што се случува и да прават стратегии за справување со топлината – вели директорот на турнирот, Крејг Тили.
Но, и покрај релативно подносливите температури, на првиот ден од турнирот биле изброени 42.191 посетител што е далеку под очекуваната, просечна бројка од 70.000 до 80.000 гледачи дневно. Високите температури се постојан проблем на Австралија опен. Во 1993 година Џим Куриер се закани дека ќе го бојкотира финалето доколку организаторите не го затворат покривот во ситуација кога температурата е околу 40 степени. Лани неколку натпревари не беа прекинати и покрај лошите услови за игра. Новак Ѓоковиќ и Гаел Монфис во втората рунда го играа мечот кога температурата на воздухот достигна 40 степени. Ѓоковиќ подоцна ги повика организаторите да ја разгледаат „топлотната политика“.
– Мислам дека има одредени денови кога супервизорот на турнирот треба да си признае дека треба да ги одложи мечевите за неколку часа и да им даде малку одмор на играчите додека температурата не се намали – рече Ѓоковиќ.
Во врска со ова се огласи Тили велејќи дека и според новата методологија тој меч не би бил прекинат.