Првата петорка на АСНОМ

Наскоро 80 години од АСНОМ… повод за препрочитување и потсетување…
…Другарки и другари народни претставители. Во овој момент, во ова историско место, Свети отец Прохор Пчински, и на овој историски ден Илинден, кога објавувам дека е отворено првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост, и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки, од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускуат ја целата македонска земја, сакајќи ја да измијат од македонскиот народ, десетвековниот ропски срам, од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна Македонска држава. Во овој момент земјата на нашите покојници, многубројни народни герои, паднали си, и посеали си коските по цела Македонија. Им стануе полека, и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледаат идеална дружба на старите Илинденци, на Гоце Делчев, и денешните Илинденци, младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи,слободна, обединета Македонија.
Многу работи во и околу историјата како филозофска наука, често се вметнуваат, приспособуваат и користат како постапка и процес за сокривање информации и податоци со кои целосно се менува нејзиниот тек. Со таквите дејства, криење факти, произведување и востоличување маргиналци за херои, а вистинските херои се прават маргиналци, од кои многумина дури може и целосно да исчезнат во институционализираната историја на една држава. А да не зборуваме и за други процеси што можат целосно да се сменат или сокријат за современиците, т.е. населението да не ги знае или постепено да ги заборава.
Долгогодишната, дозирана употреба на македонската историја, редуцирана и приспособена според идеолошко-политичките и геостратегиски потреби на „поранешниот југословенски концепт“ во која, освен за Гоце,Јане, Даме, НОБ, АСНОМ и неколку локални „случки од собитиен карактер“ и ретуширани епизодисти, кои беа подигнати на степен на историско паметење, немаше место за многу личности и дела што не се сообразуваа со историско-политичките потреби.
Во таквиот невротичен амбиент на идеолошко-политичка постмодерна, често извесни просечни историски збиднувања и личности беа подигани на степен на славење и опевање и со методологијата на историскиот ретуш и селективност, претворани и втемелени како апсолутна вистина, која понатаму со текот на времето и со „добро“ осмислена педагошка методологија се вградуваше во паметењето на генерациите, и прераснуваше до димензија на историски факт, што често се ползуваше за егоистични, дневнополитички и демагошки цели.
Можеби тоа е една од причините што нашата држава и народ често во минатото, па и денес од некои места и кругови се нарекувани вештачка коминтерновска творба, измислена нација со ограничен и оспоруван идентитет.

Во последниве триесетина години се подотворија вратите на „долгата и неверојатна историја на Македонија и нејзината многу често бездушна употреба за најразлични цели и интереси“. Од историското депо изминативе неколку плурални децении, некако срамежливо и скромно започнува да извира една малку поинаква и тивка историја со протагонисти чии имиња до пред едно извесно време беа изговарани со шепот.
Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Емануел Чучков, Љупчо Арсов, Ване-Кичевчанецот, тоа е првата петорка на АСНОМ, на која освен визијата и идеалот за независна и слободна Македонија им е заедничка и трагичната судбина. Сите, како по некое непишано судбинско правило, скончуваат во матните и докрај неразјаснети околности и лавиринти и беа заборавени и избришани од историското паметење. Но се потврдува старата општоприфатена вистина дека и историската како и секоја правда е спора, но дофатна. Со текот на времето пополека бледнее идеолошко-историскиот ретуш и денес слободно и со полно име и презиме можеме да ги изговараме имињата на протагонистите на праведната и вистинската историја и да се нурнеме во длабочините на сопственото историското минато
По 120 години од Илинденското востание, и 80 години од АСНОМ и пред сите идни јубилеи и историски премерувања, за автентична поширока и поопсежна историска интерпретација, да се надеваме извлековме доволно поука, дека е упатно историјата да се ослободи од идеолошко-политичките хипотеки и во неа секогаш да се најде и негува доволно простор за личности и дела што допрва треба да ги откриваме и верифицираме. Само така ќе ги надминеме поделбите, ќе одговориме на историските предизвици и ќе ја јакнеме кревката македонска кохезија и националната свест.
Што да кажеме за Титовата револуција? Во што се претвори таа? Во машина, строј за убивање на непријателите, ама и своите. Свирепо ги погуби своите најистакнати чеда, херои на НОБ и истакнати дејци на АСНОМ. На најсуров начин се уништени кариерите, семејствата и животите на Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Павел Шатев, Петре Пирузе, Венко Марковски, партизанките Панде Чесноска и Лена Стојческа, Богоја Фотев и многу други. Зошто се направени тие злосторства и ѕверства? Затоа што македонските јаничари се угледале на Робеспјер, Ленин, Троцки, Сталин, и по налог на Тито, прогонувале, протерувале, затворале, мачеле и ѕверски убивале секого за кого мислеле дека им стои на патот.

Сите тие дејствувале како да се принудени од идеологијата. Се претвориле во вистински хомо идеологицус (идеолошки човек), чиј инспиратор е Робеспјер, а прототип Ленин/Сталин и го создале црвениот терор. Докрај обесчестен систем претворен во суров режим. ВО ЦАРСТВОТО НА ЗЛОТО….
Во царството на злото еднакво страдаат и жртвите и господарите… така пишува на најавната шпица на филмот „стапица“, во кој се обидов да раскажам приказна што, освен како димензија на фикција, содржи и кореспондира со тлото, блиското минато и личности и луѓе од нашата непосредна близина, околина… минато… Историјата колку трезвено и да се пишува и со волја за објективност, секогаш останува книжевна измислица и ја претставува третата димензијата на фикцијата.
Филмот и литературата раскажуваат истории, судбини низ зборови, приказни, слики… Дури и кога личностите се фиктивни, особеноста на литературата и филмот е што тие низ приказни ни го приближува духот на времето. Само кога минатото ќе биде оживеано пред нас низ приказни за драмата на човечките животи при судирите и идеолошките контроверзии, во војните, од кои и ние ќе дознаваме и сознаваме дека страдањето е исто – од двете страни на омразата и фронтот.

Аљоша Симјановски