Милорад Цаиќ-Цајо за прославите во 1980-тите и 1990-тите
Новите години во Скопје при крајот на минатиот век секогаш биле празник и незаборавно доживување за младите, па и за оние постарите што се чувствувале млади.
– Тогаш луѓето едвај чекаа да дојде Нова година и сѐ некако имаше душа. За жал, Скопје веќе не наликува на град што ѝ се радува на Нова година, а порано од 15 декември до 15 јануари или до Стара нова година, имаше некој празничен дух меѓу луѓето – со доза носталгија се сеќава Милорад Цаиќ-Цајо, некогашен менаџер, промотор и организатор на ноќниот живот во Скопје.
Цајо се потсети на својот прв организиран пречек кога бил петтоодделенец и со семејството живеел во скопската населба Козле.
– Првиот мој пречек на Нова година беше кај Дијана Никодиевиќ, соученичка, која сега е лекарка специјалистка. Бевме четворица другари, а претходно во кино „Вардар“ го гледавме филмот „Диктатор“ со Чарли Чаплин. Останавме до 1 часот по полноќ и си отидовме дома. Како средношколец, мислам дека бев втора година, не можам да ја заборавам Нова година со Петар Пачков-Репо. Во 1981-1982 година, славевме во клупчето „Џаџу“ на улицата Партизанска, и тоа за мене беше незаборавен пречек. Бевме јас, Густав, Горан и Зоки Адамовиќ, Сашо Христов, Васе Андоновски, Горан Петел, Димо Егеец… – се присети тој.
Организирани пречеци од 1983 година имало во познатите скопски клупчиња: „Алпино“, „Пони“, „Змија“, „Шанеда“, „Соникс“ „Албатрос“, „Клуб 63“, кои ги имало во секоја скопска населба и кои биле активни до 1986-1987 година.
– Ги паметам новогодишните журки во 1985-1986 година во клубот „Матиник“ кај Берто – вели Цајо.
Некаде тоа време интересни биле пречеците во дискотеките: „Скала“, „Панорама“, „Теферич“, „Зелен рај“, „Златна ружа“, „Кај Бобо“ и секаде се барала карта повеќе. Не може да се заборават и новите години во клубовите: „Метропол“, „Таверна“, „Турист“, „Мусандра“, а нешто подоцна и во „Џубокс“, МЦМ, „Булевар“, „Дипломатик“. Некаде во 1988-1989 година, младите скопјани Нова година ја пречекуваа во дискотеката во МНТ.
– Во 1986 г., откако ја организирав првата полноќна забава во клубот „Огниште“, добив идеја за организирање предновогодишен маскенбал. Овие забави беа голема атракција во градот, а еуфоријата траеше до 1999 година, кога замре овој настан. Со сигурност можам да кажам дека новогодишниот беше многу подобар маскенбал од првоаприлскиот. Сите имаа оригинални, не многу скапи маски и владееше вистинска еуфорија – се потсети на убавите денови Цајо.
Според него, најинтересни во градот биле деновите 28, 29 и 30 декември, кога владеела вистинска празнична атмосфера.
– Тогаш веќе почнаа да се организираат денски журки, вистинско загревање за најлудата ноќ. Интересно беше дневното загревање кај Боби во кафулето „Рома“ во „Мавровка“ во 1990-1991 г. Јас направив вистински џумбуш два дена пред Нова година во „Чао“ во ГТЦ во 1993-1994 г. што го држеше Гиц. Отидов со Перко, сега веќе покоен, дојдовме во 11 часот наутро и бев многу расположен, па дури се качив на шанк и направив одлична атмосфера со едно дајре и со свирче во уста. Околу 16 часот, уморен, отидов дома, а околу 20 часот ми се јави Перко и ми рече: „Веднаш доаѓај, знаеш ли што направи, никој не сака дома да си оди“. Журката траеше до 2 часот, а потоа продолживме во дискотеката „Хард рок“ – вели тој.
Во тие денови околу Нова година, Скопје било убаво и богато украсено. Улицата Македонија и плоштадот биле прекриени со тезги со честитки и разни други дреболии, а имало и бини со забавна програма за деца.
– Своевремено ноќниот живот во Скопје имаше нешто што сега младите го немаат, а тоа се дружењето, насмевката, љубовта меѓу луѓето и секогаш постоеше флуид на разбирање. Немавме мобилни, а сепак секогаш постоеjа теми на разговор во кафулињата и дискотеките. Ја следевме и модата, секој викенд некој одеше за Трст, Солун, па и во Истанбул, па дискотеките наликуваа на вистински модни писти – вели тој.
Најдобрите новогодишни пречеци во Скопје се организирале од 1985 до 2000 година, кога сѐ замрело.
– Во 2005 година градот како да го загуби духот на една урбана средина, со шарм и позитивна енергија, за кој се зборуваше и во поранешна Југославија. И нашата метропола и целиот Балкан ги зафати едно сивило од кое, за жал, сѐ уште не можеме да излеземе – со жалење констатира Цајо.