Фото: Игор Бансколиев

Во текот на изминатите две децении, Македонија загуби 5,5 отсто од своите шуми, а Албанија загуби 6,5 отсто, според „Глобал форест воч“

Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со Регионалната канцеларија на ИНЦН за Источна Европа и Централна Азија и Организацијата за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА), со поддршка на македонското министерство за животна средина и просторно планирање, го започна проектот „Иницијатива за северни шуми: Обнова на шумите во Македонија и Албанија“.
Како дел од глобалната „Иницијатива за северна шума“ финансирана од Фондацијата на шведската поштенска лотарија, проектот има цел да придонесе кон ревитализацијата и зачувувањето на особено важни шуми во Албанија и во Македонија и да ги зајакне капацитетите и посветеноста на локалните, регионалните и националните засегнати страни за одржливо управување со шумите.
– Ревитализацијата на шумите во Македонија и во Албанија е важна и за нашите држави, но и за исполнување на европските цели од Стратегијата за шумите на ЕУ до 2030 година, бидејќи природните екосистеми не препознаваат граници и бараат усогласено и одржливо управување. Се стремиме кон нивна заштита, но притоа ја поддржуваме и нивната социоекономска функција заради обезбедување просперитет на руралните подрачја и поттикнување одржлива биоекономија базирана на шумите – истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Во текот на изминатите две децении, Македонија загуби 5,5 отсто од своите шуми, а Албанија загуби 6,5 отсто, според „Глобал форест воч“. Овие алармантни трендови се протегаат по должината на регионите што се богати со биодиверзитет, вклучувајќи и живеалишта што се клучни за опстанокот на критично загрозениот балкански рис и виталните коридори на дивиот свет, кои поврзуваат различни шумски области на национално и прекугранично ниво.
Последиците од климатските промени, исто така, ја интензивираа штетата од шумските пожари низ целиот регион, што резултира со намалена разновидност на шумите и отпорност на екосистемот, a ги направи подложни на штетници и болести.

– Фондацијата на шведската поштенска лотарија има долгорочна заложба за борба против климатските промени и зачувување на биолошката разновидност. Спречувањето на уништувањето и експлоатацијата на шумите, како и зачувувањето и ревитализацијата на шумите се ефективни алатки. Затоа, ја инициравме Иницијативата за северни шуми бидејќи шумите во Европа, Северна Америка, Кавказ и во Централна Азија играат важна улога и за климата и за биолошката разновидност, но доста често се надгледувани – изјави Мари Далор, генерална секретарка на Фондацијата на шведската поштенска лотарија.
Проектот има цел да се спротивстави на понатамошното губење на шумите преку ревитализација на клучните предели на биолошката разновидност надвор од заштитените подрачја. Со имплементација на природни решенија, проектот ќе се фокусира на обновување на шумскиот пејзаж во значајни области за зачувување на балканскиот рис, особено Буковиќ во Македонија и Паштрик-Морина во Албанија. Двегодишниот проект ќе се фокусира на обновување особено важни шуми во две приоритетни области во секоја земја избрана преку методологијата за процена на можностите за ревитализација, како и зајакнување на капацитетот и посветеноста на локалните, регионалните и националните авторитети за шумите. С.Ј.

Фото: Игор Бансколиев