Причина за оваа појава се високите температури на океаните поради климатските промени и загадувањето на планетата

Големиот корален гребен во Австралија повторно побеле, по четврти пат во последните шест години, а причина за оваа појава, што значи колапс на уникатниот подводен екосистем, се неверојатно високите температури на океаните, досега незабележани во овој период од годината. Иако експертите предупредија дека овој феномен може да се случи поради глобалното затоплување и драстичното загадување на планетата, тие не можеа да предвидат дека распаѓањето на коралите ќе настапи толку брзо и дека ќе биде почесто, пишуваат светските медиуми.

Првото масовно избелување забележано во 1998 година

Кога температурите се зголемуваат, коралите поради стрес ги ослободуваат своите клучни т.н. цимери – морски алги што живеат во нив и се нивниот примарен извор на храна. Овие алги им даваат на коралите посебна боја, но таа исчезнува кога алгите повеќе не се присутни.
Ако температурата на океаните падне, побелените корали може да закрепнат од овој стрес – вели Дејвид Вејхенфилд, научник на австралиската управа за Големиот корален гребен, која се грижи за негово зачувување.
Меѓутоа, проблемот е што избелувањето на коралите се случува на сè пократки интервали, па тие немаат способност да закрепнат од топлинскиот стрес на кој се изложени, но и од зголеменото загадување. Како резултат на тоа, сè повеќе корали исчезнуваат.
Највисоките температури во историјата на мерењата се забележани на Големиот корален гребен од ноември минатата година, а продолжија и во овој период, иако на јужната хемисфера почна есента. Експертите очекуваат дека температурата на океанот ќе биде повисока од просечната барем уште неколку недели, што лошо ќе се одрази на коралите.
Првото масовно избелување на коралите е забележано во 1998 година, а следното четири години подоцна. Овој феномен не беше забележан во следните 12 години, за потоа повторно да следува во 2016 и 2017 година, кога повеќе од една третина од коралите на гребенот исчезнаа во 2020 година.

Големиот гребен во Австралија на листата на УНЕСКО

Изумирањето на коралите, сепак, не е забележано само во Австралија туку и на сите гребени на планетата. Според меѓународните процени, во период од една деценија, помеѓу 2009 и 2019 година, низ светот исчезнале 14 отсто од коралите.
Колку е ризично распаѓањето на коралите за планетата и нејзините жители доволно говори фактот дека четвртина од морските видови зависат од коралните гребени во одреден период од нивниот живот, како и милиони луѓе што наоѓаат храна и работа во нивна близина. Исто така, гребените се важни како заштита на брегот и луѓето од бурните ветрови.
Големиот корален гребен во Австралија, најголемиот на планетата, беше впишан на списокот на светско наследство во 1981 година и, иако УНЕСКО минатата година предложи да биде вклучен во списокот на загрозени локалитети на светското наследство, оваа земја сè уште има време и простор да најде начин да го спаси живиот свет на него.
Овој уникатен воден екосистем е сериозно загрозен, предупредуваат австралиските експерти, а единствената вистинска надеж за негово закрепнување е да се намали ефектот на стакленички гасови, односно да се намали загадувањето на планетата. Екологистите затоа потсетуваат на протоколите усвоени минатата година на еколошкиот самит во Глазгов и предупредуваат дека има сѐ помалку време за заштита на флората и фауната на глобално ниво.