Денис Тот/Фото: Макфакс

На нашето општество му недостасуваат етички и морални норми. Старите се распаднаа, а нови не создадевме, вели психологот Стојановска-Јовановска, додека комуникологот Кордалов апелира на воздржаност од дезинформации, провокации, навреди

„Треба да те сечат на парчиња“, „на клада да гориш“, „кожата да ти се одере“, „убијци“, „народот да ви суди“ се само минорен дел од коментарите на социјалните мрежи откако вчера снимката од безбедносните камери во Градскиот парк накратко беше поставена на Јутуб, а потоа се прошири и на социјалните мрежи и медиумите. На снимката се забележува физичкиот напад по кој Тот падна на асфалтот пред самиот влез на една скопска дискотека, останувајќи да лежи без да се помрдне. Во исто време отстрана има група на сведоци кои не реагираат на инцидентот. Од вчера напладне до денес социјалните мрежи постојано се полнат со коментари за трагедијата, полни со лутина, со гнев, говор на омраза, судења, навреди. Утрово се споделуваат и слики на осомничените а и со нив „летаат“ секакви коментари.

Увидот во убиството на Тот ја отвори Пандорината кутија на социјалните мрежи

Увидот во немилиот настан предизвика дополнителен гнев, откако граѓаните беа вознемирени поради различните информации кои првично се појавија по инцидентот, пред надлежните институции да излезат со детали за случајот. Згора, осетливиот случај доведе до препукување и меѓусебни обвинувања помеѓу политичките партии, кое трае веќе неколку дена, дополнително продлабочувајќи ги поделбите.

Да се воздржиме од дезинформации, провокации, навреди

Онлајн-просторот, вели Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, е место каде секој треба и може да го изрази својот став, а исклучиво од нас зависи дали ќе го обоиме со говор на омраза или аргументирани лични размислувања што во голема мера зависи од степенот на нашата дигитална и медиумска писменост.

Бојан Кордалов / Фото: Приватна архива

– Говорот на омраза и дезинформациите во конкретниот случај нанесуваат голема штета и можат да промовираат дополнителни провокации кои би ја отежнале целокупната ситуација  и  негативно би влијаеле на брза нејзина разрешница. За таа цел, потребно е да помагаме доколку можеме во целата истрага, но да се воздржиме од дезинформации, провокации, навреди и слично за дополнително да не се разгорува говорот на омраза бидејќи тоа не оди никому во прилог – вели Кордалов.

Кога довербата би била поголема…

Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска, која е и претседателка на Комората на психолози коментира дека е многу неблагодарно да се коментира и да се суди пред да се изјасни истрагата и судот.

Спасовски: Исказите во случајот на Тот укажуваат на лично недоразбирање, ќе се вештачат предметите

– Не можеме да судиме пред да каже истрагата и судот што се случило. Тоа што престанавме да веруваме во институциите е сосема друго. Имам впечаток и дека трагедијата се користи за политички препукувања – вели Јовановска-Стојановска.

Фото: Приватна архива

Таа истакнува дека има многу несоодветни коментари на социјалните мрежи.

– Виновниците треба да се казнат, но да дозволиме на органите да си ја завршат работата. И тие треба да преземат мерки за да се промени, да се врати или стекне довербата во нив. Кога довербата би била поголема луѓето нема да си дозволуваат сами да заклучуваат, да судат, ќе внимаваат како и што коментираат. На нашето општество му недостасуваат етички и морални норми. Старите се распаднаа, а нови не создадовме – заклучува нашата соговорничка.

Трагедијата што ја потресе Македонија останува во центарот на вниманието на јавноста. Таа очекува судска разврска и превенција на насилството за да се избегнат вакви немили настани и во иднина.