„Каков нов изглед!“, извика Кармел Сноу, главната уредничка на списанието „Харперс базар“, смислувајќи нов начин на разбирање и живеење на модата. Тоа беше во 1947 година, во Париз. Денес ви претставуваме серијал чиј наслов е инспириран од нејзините зборови.
Во тој период постоеја само неколку дизајнери што постигнаа големи успеси во светот на модата, но за пресврт на трендовите што засекогаш го променија светот на костумите особено придонесоа двајца – Коко Шанел и Кристијан Диор. Затоа идејата е да се спојат и да се раскажат нивните извонредни приказни во новата ТВ-серија „Новиот изглед“ (The New Look), која наскоро ќе се прикажува на платформата „Епл ТВ плус“. Нè очекува акција инспирирана од триумфалниот успех на двајцата, според вистински настани. Сместена во време на Втората светска војна, серијата напишана, продуцирана и режирана од Тод А. Кеслер, ќе им оддаде почит на креаторите, со посебен акцент на периодот во кој тие ја изградија славата.
Заоблени раменици, мал и тесен струк, широко миди-здолниште – младиот Диор, по години војна, репресија и длабоки економски и социјални тешкотии, го слави повторното раѓање преку нов изглед и нова перспектива. Наспроти заднината на нацистичката окупација на Париз, дизајнерот роден во Нормандија ја претставува својата прва колекција, која по години воени и цивилни униформи, кроеви на ограничувања и недостатоци, ја красат женствени силуети и елегантни детали.

Коко Шанел создава и модерни и револуционерни модели, кои радикално ги променија тогашните женски модни трендови: од иконскиот фустан од твид, легендарниот модел на чанти до секогаш присутните двобојни чевли со шпицест дизајн.
Телевизиската серија ќе вклучува и приказни за други ѕвезди во подем од тоа време, вклучувајќи ги Пјер Балман, Кристобал Баленсијага, Ибер де Живанши, Ив Сен Лоран и Пјер Карден, кои заедно придонесоа за успехот на новата женска гардероба. Улогата на Диор му припадна на Бен Менделсон, добитникот на „еми“, кој е познат по серијата „Крвна линија“ на „Нетфликс“, додека француската актерка Жилиет Бинош ќе ја игра креаторката Коко Шанел.
Датумот на премиерата сѐ уште не е познат, снимањето ќе се одвива исклучиво во Париз, а според списанието ВВД, серијата ќе ги однесе гледачите на патување низ легендарните години на француската модна историја.