Стриминг-сервисот Епл ТВ+ го објави првиот трејлер за својата нова серија „Сомнеж“. Станува збор за англиска адаптација на израелската телевизиска драма „Кфулим“, во која главната улога ја толкува познатата холивудска актерка Ума Турман.
Таа ја игра Кетрин Њуман, американски медиумски магнат, чиј син е киднапиран од четворица маскирани мажи во хотел во Њујорк. Сомнежот за ова злосторство паѓа на четворица Британци што во моментот на злосторството биле во истиот хотел. Станува збор за двајца мажи и две жени за кои нема докази дека се познаваат од порано.
Тие треба да ја докажат својата невиност пред британските и американските истражни органи, но и пред јавноста, која веќе ги смета за киднапери. Работите стануваат уште покомплицирани за обвинетите кога ќе станат параноични и ќе почнат да се сомневаат еден во друг.
Главен креатор на серијата „Сомнеж“ е Роб Вилијамс, а нејзините продуценти веќе имаат една успешна адаптација на израелска серија зад себе, популарниот телевизиски трилер „Татковина“, кој со голем успех се емитуваше осум сезони. Првите две епизоди од серијата ќе бидат достапни на стриминг-платформата Епл ТВ+ веќе на 4 февруари.