По трње до ѕвездите
Џесика Честејн во животот морала да совлада многу тешкотии за да стане она што е денес – една од најценетите и најдобро платени глумици во својата генерација и успешна филмска продуцентка. Во изминатите децении често беше вбројувана меѓу највлијателните личности на светот од страна на магазинот „Тајм“, а редовно се појавува и на листите на најубави жени во Холивуд.
Ѕвезда е на филмовите „Црни триесетти“, каде што за улогата доби „златен глобус“, и „Тајниот живот на домашните помошнички“, кога беше номинирана за „оскар“, а ги снимила и: „Дрво на животот, „Мама“, „Интерстелар“ и „Марсовец“, „Сцени од брачниот живот“, „Помош“, „Најнасилната година“, „Мадагаскар 3“… За улога во филмот „Очите на Тами Феј“, Џесика неодамна доби „оскар“ за главна женска улога.
Честејн во овој филм ја игра телевизиската евангелистичка проповедничка Тами Феј Бекер, оспорувана американска личност за која често се правени пародии во ТВ-емисиите низ САД. Џесика одлучила да сними филм за неа пред осум години, кога погледнала документарец што го покажува другото лице на оваа жена.
Џесика по две номинации за „оскар“, сега ја поседува златната статуетка.
Тешко и неизвесно детство
Но не било сѐ розово во нејзиниот живот. Напротив. Ја одгледале мајка ѝ и очувот. Џесика Честејн е родена на 24 март 1977 година, во Сакраменто, Калифорнија. Кога таа дошла на свет, нејзиниот татко Мајкл Монастерио имал 20 години и бил тапанар во рок-бенд, а мајка ѝ Џери Честејн била четири години помлада и работела како продавачка на штанд за брза храна. Нејзините родители добиле уште едно дете, сестра ѝ Џулиет, по што се разделиле. Џесика никогаш не живеела со татко си, ниту сакала да го запознае. Детството не ѝ било лесно. Мајка ѝ имала неколку врски, меѓу другите и со еден насилник, со кого како тинејџерка имала непријатна случка. Родила уште две деца пред да се омажи за пожарникарот Мајкл Хасти, првиот маж во семејството што на Џесика ѝ дал чувство на сигурност.
– Сфатив дека секогаш ќе морам да се борам за себе. Ако му дозволиш на насилникот да те престраши, ќе станеш негова жртва, а ако му возвратиш, двапати ќе размисли пред да ти наштети повторно. Насилниците обично се слабаци и се плашат од посилни од себе – изјавила во една пригода Џесика.
Мајка ѝ многу работела за да ги прехрани децата, но парите често не биле доволни, па се случувало да си легнат гладни. Кога немале да платат станарина, се селеле од една трошна куќа во друга, во сиромашните квартови на Сакраменто.
– Еднаш кога си дојдов дома, станодавецот ставаше нова брава на нашата врата. Но, сепак, ме пушти да си ги соберам работите. Имав среќа, бидејќи често не беше така – раскажува оскаровката.
Но не било сѐ толку црно. Мајка ѝ, колку што можела, убаво се грижела за децата, а имала помош и од својата мајка Марилин, баба на Џесика, која често ги водела внуците на кино. Славната глумица изјавила дека токму поради тие мигови одлучила уште како мала дека ќе стане глумица кога ќе порасне.
Бунтовна тинејџерка
Џесика пораснала во бунтовна и неприспособена тинејџерка, која врсниците ја избегнувале поради нејзините дамки, кратката црвена коса и војничките чизми што најчесто ги носела. Нејзината реакција била очекувана, сѐ повеќе се повлекувала во себе и бегала од училиште.
И додека другите тинејџери во паркот пиеле евтино пиво, таа ги читала драмите на Шекспир, мечтаејќи дека еден ден ќе стане позната глумица. Се запишала на курс за танцување, а, како што изјавува во некои свои интервјуа, благодарение на хуманитарното здружение „Планирано родителство“, кое на тинејџерките во Калифорнија им делело средства за контрацепција, не останала бремена.
– Поради нив станав првата девојка во моето семејство што не останала бремена на 17 години. Ми овозможија да продолжам да сонувам за поубава иднина и да станам нешто во животот. Којзнае што ќе беше со мене да ги немаше активистите на здружението „Планирано родителство“ – изјавила Џесика.
Освен тоа, таа е единствена во семејството што продолжила со школување. Иако поради големиот број изостаноци не матурирала, таа, сепак, се запишала во градскиот колеџ во Сакраменто, а потоа и на Американската академија за драмски уметности, каде што работела за да ја плаќа школарината. Таму ја играла Јулија во претставата „Ромео и Јулија“ во Сан Франциско, а тоа ѝ помогнало да добие стипендија за продолжување на школувањето во престижната школа „Џулијард“ во Њујорк, каде што дипломирала во 2003 година. Претходно ја добила и првата филмска понуда, да потпише договор со агентот Џон Велс, кој ја испраќал на аудиции за ТВ-серии и филмови. На почетокот сите ја одбивале.
– Сите други девојки беа тенки русокоси, само јас бев црвенокоса со дамки и облини. Ми велеа дека не сум доволно убава за на телевизија – раскажала Џесика.
Нејзината сестра Џулиет, која се борела со зависност од дрога, се самоубила со пушката на татко си кога имала 24 години. За разлика од Џесика, таа се зближила со татко си и кај него ги минала своите последни денови.
– Нејзината смрт сосема ме промени, веќе ништо не ми беше важно. Сфатив дека глумата, филмовите, фустаните и „оскарите“ се безначајни – изјавила пред неколку години Честејн.
Првите позначајни улоги
Но токму во тој период таа почнала да добива улоги. Се појавува во „Итна служба“ и во „Закон и ред“, а исто така играла и во театар, стекнувајќи големо искуство и чекајќи ја вистинската шанса. Среќата ѝ се насмевнала 2006 година, кога ја забележала Марта Келер и му ја препорачала на Ал Пачино, знаејќи дека бара глумица за улогата на Салома, во истоимената претстава, која била поставена во театар во Лос Анџелес. Се разбира, настапот со Ал Пачино ѝ ги отворил широко вратите и таа почнала да добива сѐ поголеми улоги. На една премиера го запознала режисерот Нед Бенсон, со кога започнала и врска, која траела до 2010-та, кога раскинале. Во меѓувреме го снимила филмот „Исчезнувањето на Елеонор Рагби“.
Го снима „Црни триесетти“, а истовремено почнува во кината да се прикажува филмот „Мама“, и во еден миг и двата филма стануваат најгледани во САД.
Семејството пред сѐ
Паралелно со професионалниот успех, ѝ се насмевнала среќата и во приватниот живот. Во Милано, на една модна ревија, го запознала мажот што ѝ го освоил срцето, кој е шест години помлад од неа. Тоа е италијанскиот благородник Џан-Лука Паси де Препосуло, со кого се мажи на 11 јуни 2017 година. Со него има две деца, тригодишната Жулиет, која во 2018 година ја роди сурогат мајка, и едногодишната ќерка, чие име сѐ уште не сака да ѝ го открие на јавноста.
Во јавноста првпат заедно се појавија во 2013 година, на доделувањето на „оскарите“, а неколку години подоцна купија стан од 300 квадратни метри во Њујорк, спроти концертната сала „Карнеги“. Во него десет години живеел композиторот Леонард Бернштајн и наводно таму го напишал своето најпознато дело „Приказна од западната страна“, кое доживеа веќе две екранизации.
– Многу сум среќна што имам сопруг што се радува на моите успеси, како што јас се радувам на неговите. Возбудливо е да си во брак со некој што не те задушува, туку, напротив, те поттикнува да го искористиш целиот свој потенцијал – вели познатата холивудска глумица.
Долго и темелно ги подготвува улогите
Џесика се залага за еднакви хонорари во Холивуд за мажите и жените.
Инаку, таа е позната по тоа што избира да игра тешки, комплексни ликови, а за улогите се подготвува долго и темелно. Така, за улогата во „Тајниот живот на домашните помошнички“ се поправила неколку килограми, јадејќи големи количества сладолед од соја, а минала и неколку месеци во гратче во Тенеси, за да го совлада јужњачкиот акцент. За филмот „Дрво на животот“ почнала да медитира и да го слуша Моцарт и минувајќи часови во музејот „Метрополитен“, пред портретот на Девица Марија, бидејќи мислела дека тоа ќе ја инспирира. Кога глумела агентка на израелската тајна служба Мосад во филмот „Долг“, учела германски јазик и боречки вештини. По низата исцрпувачки улоги, го позајмила својот глас во цртаниот филм „Мадагаскар“, а се појавува и во спотот за песната „Family Feud“ на Џеј Зи.