„Банда инструментале“ за публиката подготвуваат и промоција на документарен филм за изминатите три децении континуирана активност на музичката сцена, анплагд вечер и голем славенички концерт што ќе се случи на 29 јуни, во паркот кај салата „Расадник“ во Кисела Вода
Членовите на групата „Суперхикс“, заедно со голем број нивни блиски, колеги, пријатели, денеска на платото пред Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, точно напладне, го промовираа својот најнов албум, со оригинален наслов „Сила и нервоза“.
Носачот на звук е самостојно издание на бендот, а снимен е во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски, кој е и продуцент на албумот, освен на бонус песната „Скарантин“, што ја продуцираше Ненад Трифуновски. Освен на ЦД формат, „Сила и нервоза“ веќе може да се најде и на сите музички платформи, а наскоро, албумот ќе го има и во винилно издание.
Инаку, „Банда инструментале“ оваа година одбележуваат 30-годишен јубилеј, а за публиката тие подготвуваат и промоција на документарен филм за изминатите три децении континуирана активност на музичката сцена, анплагд вечер и голем славенички концерт што ќе се случи на 29 јуни, во паркот кај салата „Расадник“ во Кисела Вода.
И за промоцијата и за концертот „Хикси“ имаат голема поддршка од Општина Кисела Вода.
Песната „Сила и нервоза“ е на добар пат да стане голем хит на бендот. Текстот го напишаа Петар Младеновски и Бранислав Николовски, музиката и аражманот се исто така заеднички, со сугестии од останатите членови на „Суперхикс“ и „Фолтин“. И официјално музичко видео за синглот е изработено во соработка со колегите од Битола. Песната „Правда“, пак, е снимена со членовите на „21. век“.
Низ групата во изминатите години поминаа голем број музичари, а нејзини актуелни членови се: Петар Младеновски – бас и вокал, Борис Минов – гитара и вокал, Дарко Попов – тапани и вокал , Александар Спасовски – труба, Валентин Видовиќ – саксофон , Бранко Илиевски – тромбон и Гоце Лалковски – диџеј.
Саксофон на неколку песни на албумот свиреше Симе Златков, на клавијатури беше Стефан Алексовски, Давор Јордановски се вклучи на последните четири песни, а најверојатно ќе биде дел од бендот и на големиот славенички концерт во јуни.
На денешното пладневно матине, лидерот на „Суперхикс“, Петар Младеновски ги поздрави сите присутни во негов препознатлив стил, по што слушнавме три песни од новиот албум: „Сила и нервоза“, „Крута“ и „Ана“, првиот преставен сингл, а за крај сите уживаа во изведбата на големиот хит „Луѓе лудуваат, убави нешта се случуваат“.
Се надеваме таква ќе биде и оваа цела славеничка година, бидејќи во изминатите 30 години, каде и да се појавеа „Хикси“, од првата свирка на 3 март 1994 година кога во трио формација, што ја сочинуваа шеснаесетгодишниците Петар Младеновски, Зоран Жежов – Кечо и Борис Минов, ќе го имаат својот прв настап во тогашниот скопски клуб „Дорс“, па досега континуирано, свирејќи ги своите весели песни, во панк-ска ритам, со примеси на многу музички жанрови, чии текстови и тоа како знаат да боцнат, секогаш околу себе шират добри вибрации и позитивна енергија.
Зад нив се илјадници пропатувани километри, настапи во 30-тина земји во светот, седум издадени албуми, бројни компилации, учество во разни настани и незаборавни концерти дома, пред својата публика, која им е лојална сите овие години. М.Т.