По една година од објавувањето на синглот „Полна со магија“, „Страст“ е името на новата песна на групата „Водолија“. Комплетен автор на музиката, текстот и аранжманот е Ристо Апостолов. За новата композиција е изработено и лирик-видео, а за ликовното графичко обликување за истото тоа се погрижи академската ликовна уметница Натали Николовска. Во бендот, освен Ристо Апостолов вокал и гитара, членуваат Бојан Митановски на бас и Весела Христовска на тапани.
– Изминатиот период работев на демо-снимки, кои чекаат на финална реализација, но се зависи од околностите. Засега ја финализиравме новата песна, која веќе е поставена на јутјуб-каналот на „Водолија“, а не ја исклучувам можноста за неколку месеци да ја изненадиме публиката со уште еден нов сингл – вели Ристо Апостолов.