Сонцето секогаш сјае во вселената, па зошто да не се стават огромни соларни панели во вселената? Ноќта, облаците и другата деградација на атмосферските перформанси повеќе не би биле важни. На ваков проект работат истражувачите од калифорнискиот институт за технологија „Калтек“.
Досега, плановите од овој вид беа далеку од економски остварливи, но во иднина огромните соларни панели би можеле да генерираат енергија од вселената. Тестовите се веќе во тек и вклучуваат специјални соларни ќелии развиени од истражувачите од Линц, пренесува „Дер стандард“.
Проектот на кој работат истражувачите развива орбитални соларни електроцентрали и се заснова на проектот за вселенска соларна енергија на „Калтек“, кој постои од 2013 година, а американскиот претприемач и филантроп Доналд Брен донираше импресивни 100 милиони долари за проектот.
На почетокот на оваа година, првиот таков тест-сателит беше испратен во вселената, 50 килограми тешкиот „Вселенски демонстратор за соларна енергија“, кој тестира технологии за структурни компоненти, пренос на микробранова енергија до станица на Земјата и вселенските соларни панели.
Во мисијата се вклучени и истражувачи од Австрија. Шест од 32 модула на соларни ќелии што се дел од експериментот Алба на сателитот доаѓаат од лабораторијата за меки материјали ЛИТ на универзитетот „Јоханес Кеплер“ во Линц, каде што веќе повеќе од десет години се работи на развој на ултратенки фотоволтаични ќелии.