Бројот на мажи со рак на простата ќе порасне на 2,9 милиони годишно
Бројот на мажи на кои им е дијагностициран рак на простата, најчеста форма на машки карцином во над 100 земји, се предвидува дeка ќе порасне на 2,9 милиони годишно до 2040 година, со зголемување на смртноста за 85 отсто. Симптомите на рак на простата вклучуваат почеста потреба за мокрење или отежнато мокрење, често ноќе. Сепак, овие промени исто така се предизвикани и од бенигна хиперплазија на простата, вообичаено зголемување на простатата, што се јавува кај мажите над 50 години.
Бидејќи возраста е главен фактор за бројот на луѓето што живеат со рак на простата, стареењето на населението и зголемениот животен век значат и неизбежен пораст на бројот на случаи, според наодите објавени во Комисијата за рак на простата на „Лансет“. Истражувачите повикаа на нови и подобрени начини за тестирање на болеста за да се намалат прекумерните дијагнози и претераното лекување, со цел порано да се откриваат потенцијално смртоносни тумори.
Земјите со висок приход треба да ја преиспитаат употребата на тестовите на крвта за специфичен антиген за простата што може да резултира со прекумерна дијагноза на нискоризични карциноми, а исто така да пропуштат некои видови рак со висок ризик. Наместо тоа, да трошат повеќе на кампањи за подигање на јавната свест и за тестови за МРИ за помлади мажи со семејна историја на болеста. На земјите со понизок и среден приход им се советува да се подготват за оптоварување на услугите што, веројатно, ќе ги донесе порастот на случаите.