Текстот на првата верзија на македонската химна

Македонија како држава има свои особености, традиција и симболи, а меѓу нив е и државната химна „Денес над Македонија“, која ги симболизира вековната борба за слобода и стремежот на македонскиот народ за сопствена држава. За првпат беше изведена на пречекот на 1942 година во Струга, од Владо
Малевски, кој е автор на текстот, како и од музичарот Стефан Опетчески, пред повеќемина припадници на македонското народноослободително движење во Втората светска војна

Од историските архиви: 83 години од првата изведба на „Денес над Македонија“

Неколку извори посочуваат дека текстот е напишан од македонскиот автор Владо Малески во 1941 година, а за првпат била изведена во Струга, поточно во куќата на Сотир Шута. За овој настан, самиот Владо Малевски вели: „Со оглед на приликите, тоа секаде се прави да не падне во очи и пречекот на новата година имаше за цел да се собере младината и под оваа форма да се разговара за претстојниот вооружен отпор против фашизмот. Тогаш се информирав и за нападот на полицискиот участок во Прилеп и нападите во Куманово. Што се однесува на програмата за дочек на нова година, јас, Боро Путе и Димче Кошарко ја подготвивме песната ’Денес над Македонија‘, која набрзо потоа ќе стане најпопуларна песна во цела Македонија и која до-ден денеска се одржува како еден вид македонска химна.“
Меѓу присутните активисти на македонското националноослободително движење бил и Никола Кочоски, близок пријател на Малески, кој за првата изведба вели: „Бев поканет од мојот другар Јосиф Миса да присуствувам на новогодишната игранка во домот на Сотир Шута. Кога влегов во горните одаи на куќата пријатно бев изненаден од амбиентот во кој се пееше песната ’Денес над Македонија‘ за чие име дознав во текот на вечерта. На гитара свиреше и пееше Владо Малески. Песната ја пееше со восхит, а присутните со смиреност го следеа и потпевнуваа. За песната беа изречени многу убави зборови, потенцирајќи дека во нејзината содржина е сета македонска историја и иднина. Таквата пријатна атмосфера овозможи и сериозен разговор кога за првпат бевме информирани за успесите во војната што се води против фашизмот, како и за првата вооружена акција на македонските борци со нападите во Прилеп и Куманово“.
Постојат неколку верзии за настанокот на „Денес над Македонија“. Според една од нив, првичната мелодија е под влијание на народната песна „Надежда болна легнала“, која настанала како адаптација на мелодија што потекнува од некој европски шлагер, за кој се верува дека е донесен на македонските простори за време на Првата светска војна. Според оваа верзија, Владо Малески ја научил песната „Надежда болна легнала“ од својата мајка. Според друго видување, кое е врз основа на сеќавањата на музичарот Стефан Опетчески, мелодијата на „Денес над Македонија“ е инспирирана од неколку песни, односно од песните „Букетот цвеќе што ми го даде“, „Ајде браќа да минеме преку Велешко, Прилепско и Крушевско“, „Телеграма дојде од Европа до Султанот“ и „Орле бе орле крилато пиле“.
„Денес над Македонија“ многу бргу станала популарна и уште наредниот ден била изведена по драмата „Македонска крвава свадба“ во родното место на Војдан Чернодрински, односно селото Селци. Постепено во екот на народноослободителната и антифашистичка борба се распространува меѓу македонските партизани, а во јуни 1943 година свое место наоѓа во првата партизанска збирка „Македонски народноослободителни песни“. Композиторот Тодор Скаловски направил аранжман на мелодијата, која е „позната како лирска, љубовна“. Тој во септември 1944 година на слободната територија во Горно Врановци формира партизански хор, од кој на еден собир во Велешко била изведена „Денес над Македонија“, под диригентската палка на Властимир Николовски. До средината на 1945 година, „Денес над Македонија“ станала општоприфатена, особено на слободната партизанска територија, каде што се изведувала на народните собори.
Низ годините, текстот на „Денес над Македонија“ доживува одредени промени, а денес се познати три верзии – првичната, првата официјална изведена и денешната. Во контекст на првичниот текст од 1941 година се изоставени имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, а е додадено името на Даме Груев. Во првичната верзија се вели: „Одново сега знамето се вее, на Крушовската Република! На Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански На Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“.
„Денес над Македонија се раѓа“ се изведуваше како химна на секоја свеченост низ Македонија. За првпат химна се споменува во Уставот на СРМ од 25.11.1974 година член 10. Тука се вели: „Социјалистичка Република Македонија има химна“, но не дава други детали која е таа химна.
Конечно, со уставните амандмани од 14.4.1989 година, со амандманот XXIV, се заменува членот 10 од Уставот на СРМ. Во овој амандман се вели дека химна на Социјалистичка Република Македонија е „Денес над Македонија“, но не е приложен официјалниот текст. Д.Ст.


Владо Малески – автор на текстот

Владо Малески останува запаметен како истакнат македонски писател, општествено-политички деец и издавач. Роден е во Струга, а се школувал во Скадар и во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнувањето на Втората светска војна ги прекинал студиите. Бил учесник во НОБ на Македонија како еден од организаторите на партизанското движење во струшкиот крај. По завршувањето на војната бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, работел во дипломатската служба, како амбасадор во Либан, Етиопија и во Полска, а бил и член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1946 година.


Тодор Скаловски – автор на музиката

Тодор Скаловски останува запаметен како македонски композитор, хорски и симфониски диригент, тој е меѓу првата генерација македонски повоени композитори. Скаловски е автор на повеќе вокални, вокалноинструментални и сценски композиции. Покрај творештвото и диригирањето се занимавал со педагошка работа и организација на музичкиот живот во Македонија. Тој бил долгогодишен соработник на Ловро Матачиќ, а бил и шеф-диригент и директор на Македонската филхармонија во 1944 година, како и основач на Македонската опера. Член е на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 1972 година. Како композитор, во некои дела, како „Македонско оро“, Скаловски користел драмски елементи, кои се сметаат како музички пандан на „Тешкото“ на Блаже Конески.