Фото: Пиксабеј

Голем број истражувачи тврдат дека сме среде шестото масовно истребување, кое не било предизвикано од астероид или од нешто слично, туку од прекумерниот раст и трансформативното однесување на еден вид, хомо сапиенс. Затоа, луѓето се тие што ги уништуваат живеалиштата и што предизвикуваат климатски промени. Според една студија чии резултати беа објавени во американското научно списание ПНАС, сродните животински видови исчезнуваат со стапка што е за 35 отсто поголема од очекуваната.
Дури и во масовно исчезнување има победници и губитници, но претпоставката е дека луѓето не би биле победници, т.е. ни тие не би преживеале. Коавторот на споменатата студија, Херардо Себаљос, смета дека шестото масовно истребување, веројатно, ќе ја трансформира целата биосфера во состојба во која нема да може да се живее, доколку не се преземат драматични мерки.

– Биодиверзитетот ќе закрепне, но победниците е многу тешко да се предвидат. Многу од губитниците од претходните масовни изумирања беа неверојатно успешни видови – рече Себаљос, кој е постар истражувач на Националниот автономен универзитет во Мексико.
Иако причините за големите пет изумирања варираат, разбирањето што се случило во текот на овие драматични поглавја од историјата на Земјата може да биде поучно.
– Никој не ги видел овие настани, но тие би можеле да се случат повторно. Мораме да учиме од минатото, бидејќи тоа е нашиот единствен збир на податоци – рече професорот по палеонтологија на ’рбетници на Универзитетот во Бристол, Мајкл Бентон, автор на новата книга „Истребувања: Како животот преживува, се приспособува и еволуира“ (Extinctions: How Life Survives, Adapts and Evolves).
Сѐ повеќе научници веруваат дека шестото масовно истребување би било на исто ниво со претходните масовни истребувања. Птицата додо, тасманискиот тигар, баиџи делфинот или кинескиот речен делфин се само дел од видовите што досега исчезнале во она што е познато како холоценско или антропоценско истребување, т.е. во последните 10.000 години, пишува „Си-ен-ен“.
Меѓутоа, на Националниот автономен универзитет во Мексико заклучиле дека цели сродни видови сега исчезнуваат, што негативно влијае на екосистемите и го загрозува опстанокот на човекот. Нивното истражување опфатило 5.400 видови ’рбетници, не вклучувајќи ги рибите.

Откриено е дека 73 сродни видови исчезнале во последните 500 години. Ова е многу побрзо од очекуваното, т.е. од природно изумирање без надворешно влијание – претпоставката е дека таквото исчезнување би траело 18.000 години.
Причините за истребување се различни, промена на користењето на земјиштето, губење на живеалиштата, уништување на шумите, интензивно земјоделство, инвазивни видови, климатски промени. Сето ова има негативен ефект врз човештвото.
Професорот Себаљос истакна дека изумирањето на патничкиот гулаб е пример како загубата на ова животно влијае на поширокиот екосистем. Исчезнувањето на оваа птица поради непромислениот лов во 19 век ја стеснило исхраната на луѓето во Северна Америка и овозможило ширење на белоногите глувци и на бактериите што ги носат со себе. Белоногите глувци биле плен за патничкиот гулаб.
Научниците веруваат дека изумирањето на оваа птица, во комбинација со други фактори, стои зад зголемувањето на зачестеноста на болестите што ги пренесуваат крлежите. Меѓу овие болести е и лајмската болест, која еднакво ги погодува и луѓето и животните.

– Кога губиме видови, ја губиме генетската разновидност, ја губиме еволутивната историја и губиме повеќе добра и придобивки од екосистемот – истакна Себаљос.
Во меѓувреме, светот на животните станува сѐ повеќе и повеќе хомоген. Земјата е дом на 19,6 милијарди кокошки, 980 милиони свињи и 1,4 милијарда говеда. Интензивното земјоделство во некои случаи може да предизвика болести како што е птичјиот грип, кој може да биде опасен за дивите птици преселници. Други домашни животни, кои се домаќини на вируси што можат да заразат луѓе, имаат потенцијал да предизвикаат пандемија како пандемијата на коронавирусот. Себаљос потсети дека Земјата на крајот може да преживее без луѓе.