Американскиот производител на играчки „Мател“ ја претстави својата прва Барбика со Даунов синдром, во обид да ја направи својата популарна палета на кукли поинклузивна.
Компанијата објави дека, во соработка со Националното здружение за Даунов синдром во САД, создала кукла што има пократка рамка и подолго торзо од другите кукли Барби. Нејзиното лице, како што е наведено, има кружен облик, со очи во облик на бадем, помали уши и рамен нос, пренесува „Ројтерс“.
– Дланките на куклата вклучуваат дури и една линија, карактеристика што често се поврзува со лицата со Даунов синдром – се вели во соопштението на компанијата.
Куклата е облечена во фустан со паф-ракави, украсен со пеперутки и цвеќиња во жолта и сина боја, бои што се поврзуваат со свесноста за Дауновиот синдром. Таа носи розов ѓердан со приврзок со три шеврони, кои претставуваат три копии од 21-от хромозом, кој е генетскиот материјал што ги предизвикува карактеристиките поврзани со состојбата.
– Нашата цел е да им овозможиме на сите деца да се видат себеси во куклите Барби, истовремено охрабрувајќи ги да си играат со кукли што се разликуваат од нив – рече Лиза Мекнајт, глобална директорка за куклите Барби во „Мател“.