Фото: М.Т.

Такт по такт, песна по песна, долгогодишното искуство на Петар, добриот флуид меѓу музичарите на сцената и извонредните гости ја направија оваа ноќ незаборавна и посебна. Долгите, силни аплаузи, уште од самиот почеток беа знак дека публиката со отворени срца влезе во неговиот свет на ноти и акорди, но овојпат малку посвои и поспецифични

Убаво е чувството кога една замисла, еден сон ќе стане јаве. А уште повозвишено е кога сите коцки ќе се склопат, па ќе се случи магија и се ќе се спои во една хармонична целина, и покрај различностите што се дел од неа.

Синоќешниот, интимен концерт на познатиот македонски музичар Петар Ренџов и на неговите музички браќа, што тој ги нарекува и „толкувачи на негвоите соништа“, беше едно такво несекојдневно искуство, каде се функционираше беспрекорно, а нишката која сето тоа го поврза беше препознатливиот звук на неговата гитара. Тој и неговите талентирани и внимателно одбрани гости ни го презентираа звукот на македонскиот бит, ставен во нови рамки. Инструментите на класичната џез музика беа ставени во функција на македонските народни песни, која од која поубава, во една мека, прифатлива естетика.

Фото: М.Т.

Зад инструментите вчеравечер беа: брат му Павел Ренџов, Дионис Стратров, Арсо Јаневски, Кирил Кузманов, Никола Аврамовски, Сашко Николовски и Сенад Усеин.

Бидејќи прв учител по гитара на Петар му бил неговиот кум, д-р Мето Чепреганов, тој се пофали дека и самиот има свој ученик, Петар Марков – Маруш од Велес, со кого ја оствирија заедно џезираната верзија на народната песна „Во Влашкото маало жолти куќи високи“.

Но, да тргнеме по ред. Петар Ренџов се решил на овој храбар чекор, да излезе од својот катадневен ритам, бидејќи како креативец, него едноставно не го држи место и познат е по тоа што прави необични споеви, соработки, па дури и бара предизвик каде ќе ги одржи своите концерти, од врвот на Водно, во клисурата Матка, пред црквата Света Богордица во Скопје.

Фото: М.Т.
Фото: М.Т.

Но што и да прави тој перфекционистички везе нота по нота, мешајќи најразлични музички стилови, а македонскиот традиционален звук помалку или повеќе видливо е проткаен речиси во сите негови музички проекти: „Сонот на невестата“, „Темјаника“, „Џезилка“…, па и во последниот „Скопски приказни“. Секако и во својот „Тумбао салса бенд“ македонската традиционална музика ја свири во латино ритам. Секако тука се и блузот со кој го почна походот на мак-сцената и џезот како есенција на врвниот музички звук.

И во вечерта на македонските музички сонети посведочивме за вештината со која тој се поигрува со македонскиот фолклор, чии звуци вешто ги модифицира, надградува, украсува и создава свои ремек-дела.

Неговите гитара, „темјаника“ направена во длаборез од едно парче дрво и „џипсон лес пол“ со потписот на Б.Б.Кинг стоеја како стражари на сцената, за да ја чуваат оваа наша оставнина и да го опоменуваат Пепи да не заталка премногу во новите музички правци разговарајќи со колегите, но и со публиката преку својот инструмент.

Стиховите на татко му, нашиот познат и признат поет Михаил Ренџов убаво се вклопија во ова музичко патување, особено поради тоа што ги интерпретираше токму неговиот син. Секако зборовите соодветствуваа со времето во кое живееме.

И уште со изведбата на првите песни сите што бевме во салата, почувствувавме дека се е под конец, а звукот се разлеваше ненаметливо и дискретно, но искрено и емотивно, каков што е и македонскиот народен вез, што го изработувале вредните раце на македонските везилки.

Фото: М.Т.

Со вокални изведби ги слушнавме суптилниот Зоран Чагоровски, мултиталентираниот Сашо Гигов Гиш и девојката со ѕвонлив, пробивен глас Ивана Стојановска.

Еден од посебните мигови на концертот беше изведбата на баладата „Марика мома убава“, која Сашо Гигов Гиш ја испеа многу емотивно поигувајќи си со својот глас. Тој откри дека токму оваа песна, што своевремено ја открил етномузикологот Васил Хаџиманов во 1930. година била првата македонска народна песна снимена во Радио Скопје.

Фото: М.Т.
Фото: М.Т.

Премиерно беше изведена и песната „Танго-Скопје“ од последниот албум на Петар, насловен „Скопски приказни“, што беше претставен летоска.

И ова танго, потенцираше Ренџов, беше отсвирено во седум-осмини, како и повеќето останати нумери што ги слушанавме.

И такт по такт, песна по песна, догогодишното искуство на Петар, добриот флуид меѓу музичарите на сцената и извонредните гости ја направија оваа ноќ незаборавна и посебна. Долгите, силни аплаузи, уште од самиот почеток беа знак дека публиката со отворени срца влезе во неговиот свет на ноти и акорди, но овојпат малку посвои и поспецифични.

Концертот, што траеше околу час и половина, заврши со бис и извици браво.

Се надеваме дека ковчежето со македонскиот фолклор уште долго ќе претставува инспирација за создавање автентична музика на нашите простори.

Снимката на „Македонски музички сонети“ изведени на концертот, ќе го продолжи нивниот век, но уште подобро би било, прекрасните музичари, на чело со Петар Ренџов да гостуваат низ Македонија и надвор од неа со оваа музичка приказна.