Часовите во вежбалница не се единствениот начин да ги искористите здравствените придобивки од вежбањето. Само четири-пет минути „енергична физичка активност“ би можеле значително да го намалат ризикот од рак кај лицата што генерално биле неактивни, покажува новата студија објавена во списанието „Џама онколоџи“.
Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј, Австралија, анализирале податоци од 22.398 возрасни што не вежбаат, со просечна возраст од 62 години, следејќи ги нивните активности во текот на седум дена. Тие потоа ги разгледале дијагнозите, хоспитализацијата и смртните случаи на учесниците поврзани со рак во период од неколку години.
Оние што учествувале во повремена енергична физичка активност во текот на денот (VILPA) во просек од четири и пол минути дневно имале 32 проценти намален ризик од „инциденца на рак поврзана со физичка активност“, вклучувајќи рак на бубрезите, мочниот меур, желудникот и белите дробови, врз основа на медицинска документација од шест до седум години, покажа истражувањето.
Кај учесниците што вежбале од 3,4 до 3,6 минути дневно, ризикот од рак бил намален за 17-18 проценти. Оние со претходна дијагноза на рак биле исклучени од студијата. Истражувачите се приспособиле на факторите како возраста, БМИ, историјата на срцеви заболувања, навиките за спиење, исхраната, семејната историја на рак и статусот на пушење.
– Знаеме дека повеќето средовечни луѓе не вежбаат редовно, што ги става на зголемен ризик од рак, но благодарение на доаѓањето на технологијата, односно на уредите за следењето на активностите, можеме да го видиме влијанието на кратките изливи на минливата физичка активност како дел од секојдневниот живот – наведе водечкиот автор Емануел Стаматакис во соопштението за печатот што го објави истражувањето.
Тој додава дека многу е неверојатно да се види дека зголемувањето на интензитетот на дневните задачи за само четири-пет минути на ден, направено во кратки интервали од околу една минута, е поврзано со севкупно намалување на ризикот од рак до 18 проценти и до 32 проценти за типови на рак поврзани со физичка активност.
Примерите вклучуваат качување по скали, носење тешки торби со намирници, извршување физички задачи во домаќинството, брзо одење и играње високоенергетски игри со деца.
– Потенцијалното влијание врз превенцијата од ракот и низа други здравствени резултати е огромно. ВИЛПА е малку како примена на принципите на интервален тренинг со висок интензитет во вашиот секојдневен живот – рече Стаматакис.