Фото: Пиксабеј

Дали би се согласиле на нешто што се нарекува изненадувачко патување доколку никој не ви објасни за што станува збор?

Неодамнешното истражување покажа дека повеќе од половина од патниците ги пакуваат куферите, се упатуваат кон аеродромот и летаат до сосема непозната дестинација без да прашаат. Туристичките професионалци го препознаа тоа, па подготвија нови изненадувања за таквите патници.
Денес, изненадувачките патувања се можеби најбрзо растечкиот и најпопуларен тренд кога станува збор за туризмот. Доколку сте заинтересирани за вакви патувања, доволно е да ја спакувате и да ја понесете со себе вашата добра волја, а секако и пасошот, сѐ друго е оставено на професионалците да го организираат.
Некогаш наречен „мистериозен одмор“, изненадувачкото патување е токму онакво какво што звучи. Наместо сами да го планирате вашето патување, туристичките агенции прават сѐ за вас. Тие ја избираат и дестинацијата чие име ќе го дознаете на аеродромот непосредно пред полетувањето.
За многу патници, ова е совршено решение, особено ако сте несигурни или донесувате лоши одлуки. Вака, другите планираат и завршуваат сè за вас. Поради зголемениот интерес, 2024-та би можела да биде година кога изненадувачките патувања ќе станат главен тренд.

Изненадувачките патувања се сè попопуларни

Во последната деценија, на глобално ниво се појавуваат сѐ повеќе компании за организирање изненадувања и слични патувања. Планирањето одмор отсекогаш изгледало како дел од возбудата, но можеби елементот на мистерија ги искушува патниците да бараат нов начин за истражување на светот.
Како функционира тоа генерално? Прво ги избирате пакетот и цената, колку далеку сакате да одите и колку дена сакате да патувате, па го пополнувате прашалникот. Во него ги наведувате вашите минати патувања, интереси, преференции за патување, проблеми со мобилноста и ограничувања во исхраната. Тим од стручни истражувачи потоа започнува да го планира вашето патување.
Околу една недела пред вашето поаѓање добивате електронска пошта со криптични совети за тоа каде одите, како што е временската прогноза, за да знаете што да спакувате и кога и во кое време треба да бидете на аеродромот, пишува „Би-би-си“.
Потоа, неколку дена пред поаѓање, ќе добиете писмо по пошта што содржи две работи. Тоа се пликови, кои не смеете да ги отворате пред да пристигнете на аеродром. Тоа е затоа што пликовите ги содржат името на вашата дестинација, плус маршрутата, која вклучува резервации во ресторани и предлози за музеи, планинарења и други атракции.

Фото: Пиксабеј