Националниот младински совет на Македонија по трагедијата во Кочани
Националниот младински совет на Македонија изразува најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските на младите животи што згаснаа во трагедијата во Кочани.
– Оваа незамислива загуба не е само лична трагедија туку и страшен потсетник на реалноста што во оваа земја секојдневно живееме – реалност во која животот е несигурен, институциите не функционираат, а чувството на безнадежност станува сè подлабоко. Оваа трагедија не е еден изолиран случај. Таа е директен резултат на системскиот хаос што владее со години. Недостигот од владеење на правото, корупцијата во секоја пора на општеството, непочитувањето на законите, нефункционалните институции и игнорантскиот однос кон младите создадоа држава во која трагедиите не се исклучок – тие стануваат правило. Со години предупредуваме дека младите во Македонија живеат во општество што не ги штити, не ги слуша и не им нуди перспектива. Наместо вистинска грижа, добиваме институции што работат селективно, во интерес на поединци и елити, наместо на граѓаните. Наместо безбедност, добиваме инфраструктура што се распаѓа, јавен транспорт што е несигурен и систем што не презема одговорност. Наместо политики што ќе го подобрат животниот стандард, добиваме ветувања што никогаш не се исполнуваат – велат во соопштението од Националниот младински совет на Македонија.
Оттаму велат дека не бараат празни ветувања, туку дела. Бараат безбедна средина и потенцираат дека оваа држава мора да стане место каде што младите ќе сакаат да останат, а не само да заминат.
– Не сакаме оваа трагедија да биде само последица, туку и причина да креираме нов систем што се грижи за нас. До кога ќе дозволуваме животот во оваа земја да биде прашање на среќа, а не на системска заштита? Дали ќе чекаме нова трагедија за да ги добиеме одговорите на прашањата што одамна се знаат? Денес повторно се соочуваме со болка, но оваа болка не смее да остане само тага – мора да стане акција за одговорност и транспарентност – надлежните институции мора да ја преземат целосната одговорност за овој случај и да ги санкционираат сите одговорни, без исклучок. Доста беше со политички манипулации и селективна правда, доста беше со меѓупартиски префрлања. Владеење на правото – сакаме да живееме во земја во која законите важат за сите еднакво, а корупцијата не е норма, туку исклучок што се казнува. Системски реформи – потребни се итни и длабоки промени во институциите, бидејќи нефункционалниот систем не само што го уништува квалитетот на живот туку директно ги загрозува и одзема животите на младите. Гарантирана безбедност за сите – оваа држава мора да создаде услови во кои младите ќе бидат сигурни и безбедни на улица, во училиштата, во превозот, на работните места, во клубовите – велат од советот.
Тие порачуваат дека младите треба да се вклучат во одлучувањето.
– Доста беше со носење одлуки за нас, без нас! Ако не се слушне гласот на младите, ништо во оваа држава нема да се промени. Денес тагуваме, но мора да се избориме! Дозволивме системот да им го одземе животот на младите, да не дозволиме да ни го одземе и правото да чувствуваме, да искажеме револт и да бараме правда! Оние што го создадоа овој неправеден поредок, денес се обидoa да нè замолчат. Но нема да престанеме да бараме правда и промени! – се вели во соопштението на Националниот младински совет на Македонија.