Фото: Пиксабеј

„Лабораториум“, новиот културно-едукативен центар во Скопје, објавува отворен повик до сите дизајнери и занаетчии што изработуваат производи и нудат услуги во полето на текстилот, накитот, модните додатоци, индустриските производи, мебелот, дизајнерските производи наменети за деца, за домот, осветлувањето итн., со фокус на рачната изработка, одржливоста, еколошкото и етичко производство. Повикот е отворен од 20 февруари.
„Лаб дизајн маркет“ е изложбен салон и заедница на дизајнери и занаетчии од Македонија, кој ќе се отвори в среда, 28 февруари, во просториите (индустриската хала) на центарот „Лабораториум“, на булеварот Климент Охридски 68 во Скопје и ќе работи од вторник до сабота, од 12 до 18 часот. Идејата на маркетот е да им се понуди на македонските дизајнери најдобриот начин на поддршка, а тоа е продажба на нивните производи, директно во маркетот и на интернет-продавницата. Со основањето се очекува да се создаде заедница меѓу дизајнерите од која ќе се зајакне локалната дизајнерска сцена, ќе произлезат соработки и заеднички ќе се дејствува на подобрување на довербата на клиентите во македонскиот дизајн.
Проектот е поддржан од „Фешн револушн Македонија“. Стручна комисија ќе ги разгледа апликациите и ќе одлучува за учесниците во „Лаб дизајн маркет“. Заинтересираните учесници може да најдат повеќе информации за критериумите и условите за учество на интернет-страницата на организаторот.