Примероците од астероидот Бену пристигнаа на Земјата пред нешто повеќе од три месеци, а американската вселенска агенција НАСА дури сега го отвори контејнерот во кој се наоѓаат. Како што е познато, примероците од астероидот Бену беа собрани од леталото „ОСИРИС-Рекс“, кое ги испушти на 24 септември, а потоа се упати кон астероидот Апофис да проучува.
Иако НАСА првично собра дел од материјалот на астероидот надвор од механизмот за стекнување примероци „тач енд гоу сампл“ (TAGSAM), содржината внатре остана „заклучена“ поради проблеми со два од 35-те прицврстувачи што го држат контејнерот затворен. ТАГСАМ е сместен во посебен оддел за да се спречи контаминација на примерокот, а само одредени алатки се одобрени за употреба. Меѓутоа, ниту една од постојните алатки не функционираше при обидот да се отстранат „тврдоглавите“ прицврстувачи на главата на ТАГСАМ, па тимот мораше да развие нови.
– Покрај предизвикот за дизајнирање со користење одобрени материјали за заштита на научната вредност на примерокот на астероидот, овие алатки исто така требаше да функционираат во цврсто затворен простор, што ги ограничуваше нивната висина, тежина и движење на лакот – рече д-р Никол Ланинг.
Сега тимот може да продолжи да го расклопува контејнерот, што значи дека научниците наскоро ќе видат што има внатре. Прелиминарната анализа на НАСА на прашина и карпи пронајдени надвор од ТАГСАМ откри докази за јаглерод и вода.