„Егзит 2024“
Нови Сад е прекрасен град, во него се сретнуваат разни култури, религии и народи: Срби, Унгарци, Македонци, Романци, Босанци, Црногорци, Хрвати, Руси, Роми, Буњевци… и сите заедно одлично функционираат. Освен по својата мултикултурност, градот е познат и по тврдината што се наоѓа на брегот на Дунав во населеното место Петроварадин (дел од Нови Сад), која затоа е наречена Петроварадинска тврдина. Тврдината била освојувана од Австроунгарците, Хабсбуршкото Царство, Турците Османлии, Германците, од Србите, со многу жртви на сите страни. Била посетувана од разни народи поради разни причини и тој континуитет трае до денес, но сега во различни околности.
Во 1990 г. е формиран фестивалот „Егзит“ што се одржува на тврдината на која некогаш се воделе жестоки борби. Идејата и мисијата беа да се поттикне движење за слобода во Србија и мир на Балканот, односно преку музиката да се поттикнат општествени промени. Она што почна како обичен фестивал прерасна во движење со посебен осврт на правилниот развој на децата, на еколошките и хуманитарните активности и поврзување на луѓето од Балканот и од целиот свет преку музиката. Прогласен за најдобар европски фестивал, низ него поминале: „Кјур“, „Килерс“, „Ганс енд роузиз“, „Моторхед“, Иги Поп, Дејвид Гета, Фетбој Слим, „Продиџи“, „Секс пистолс“, Снуп Дог, „Крафтверк“, Моби, Ник Кејв и многу други, односно сите што нешто значат на светската сцена. Мултикултурноста на Нови Сад е пресликана на „Егзит“, така што за тие неколку дена тука се среќаваат над 220.000 посетители. Тоа мешање на разни култури, генерации, социјални слоеви може донекаде да ги доближи разните народи.
Годинашниот „Егзит“ блесна во сиот сјај со 14 главни бини и уште толку помали и над илјада изведувачи. Имаше одлична организација. На главната бина „Тесла јуниверзал стејџ“ продефилираа: Гучи Мане, „Блек ајд пис“, Инико, Том Морело, Бејби Лазања, „Кени није мртав“, Оливер Три, Џон Њуман, Стив Анџело…, а на сцената МТС: „Блек Кофи“, „Артбат“, на „Виза фјун стеј“ свиреа: Едо Мајка, „Бед копи“, Македонците „Луфтханса“, „Ритам нереда“, „Мецерг“…, на сцената „Експлозив“ имаше претежно метал-групи: „Коронер“, „Еншн конфликт“, „Стоун“… На сите сцени во исто време имаше музика од разни изведувачи, но без мешање на звукот.
Наредната година „Егзит“ слави 25 години (10-13 јули), со враќање на револуционерниот дух на „Стејт оф егзит“, каде што ќе се промовира „Мисијата за поврзување на регионите и мирот“, брендирање дестинации и збогатување на културната понуда низ развој на креативните индустрии и фестивалскиот туризам. Следната година присуството е задолжително, затоа што е ретка можност да се почувствува духот на заедништвото, таа енергија што нѐ збогатува нас музичките револуционери. Љупчо Давчев