Тревојадниот диносаурус со клун како патка живеел во оддалечените речни рамнини на Патагонија во јужниот дел на Чиле пред околу 72 милиони години, покажа новото истражување.
Научниците го нарекоа диносаурусот „гонкокен наној“ и велат дека тежел до еден тон и можел да порасне до четири метри, според студијата објавена неодамна во списанието „Сајенс адвенсис“, пренесе „Ројтерс“.
Експедиција од 2013 година, предводена од Чилеанскиот антарктички институт, откри жолтеникави фрагменти од коски во подножјето на националниот парк Торес дел Пајн во Патагонија. Потоа започна речиси децениската потрага.
– На почетокот мислевме дека е од истата група како и другите јужноамерикански хадросауруси, но како што напредуваше студијата, сфативме дека е нешто без преседан – вели водечкиот автор на студијата, Џонатан Аларкон.
Тој додаде дека истражувачите откриле повеќе од 100 коски, а потоа научниците морале да се уверат дека коските му припаѓаат на истиот вид и да ги споредат со претходно пронајдените остатоци за да потврдат дека станува збор за нов вид.