Научниците веруваат дека се на трага на објаснување зошто викинзите го напуштиле Гренланд во 15 век. Тоа се случило 400 години откако отишле во споменатиот дел од светот во 985 година. Историчарите никогаш не успеале целосно да ја решат мистеријата зошто ја напуштиле изградената населба. Се претпоставуваше дека причините за тоа се сушата, промената на температурата, социјалните проблеми и/или прекумерното ловење на забите од морж, кои беа луксуз во средновековна Европа.
Сега истражувачите од универзитетот „Харвард“ и Државниот универзитет во Пенсилванија тврдат дека откриле уште еден клучен фактор што објаснува зошто викинзите го напуштиле Гренланд, а тоа е зголемувањето на нивото на морето. Користејќи компјутерски модел базиран на геолошки и климатски записи, тие откриле дека нивото на морето достигнало три метри во текот на четирите викиншки века на Гренланд. Истражувачите пресметале дека биле поплавени 204 квадратни километри земја, што ги направило викинзите ранливи на бура и ерозија на почвата. Освен тоа, изгубиле и плодна почва.

Губењето на просторот погоден за живот беше влошено со падот на температурите во Европа, што доведе до она што е познато како мала ледена доба, која започна во 1250 година. Ова истражување е објавено во американското научно списание ПНАС.
– Промената на нивото на морето е елементот што недостига во приказната за викинзите – вели коавторот на студијата Ричард Али.
Анализата на човечки останки од црковните дворови и животински остатоци од купиштата ѓубре покажа дека викинзите од храна што може да се обезбеди на копно се префрлиле на морска храна, како што се риби и фоки. Се смета дека оваа промена е последица на губењето на плодното земјиште.
Истражувачите ја нарекоа малку контраинтуитивна идејата дека нивото на морето се зголемува со падот на температурите. Пониските температури обично се поврзуваат со падот на нивото на морето. Забележано е дека промените во нивото на морето не ги засегаат сите области еднакво. Постои можност просторот на викинзите на Гренланд да бил изложен на две компоненти на промена на нивото на морето, бидејќи се наоѓал на периферијата на ледената покривка Лаурентид што ги покрива Канада, североисточниот дел на САД и Гренланд.
– Ледената покривка на Гренланд се проширила за време на викиншката доба и таа експанзија го достигнала врвот за време на малата ледена доба. Проширувањето предизвикало покачување на нивото на морето поради тонењето на Земјината кора – објаснуваат истражувачите.
Според Али, тоа е истиот ефект што се случува ако седите на воден кревет. Така, поголемата ледена маса во близината на брегот го подигнала нивото на океанот. Откриено е и дека викинзите набавувале дрва во оддалечените делови на Северна Америка и Северна Европа, бидејќи дрвото на Гренланд не било погодно за бродоградба и изградба на градби на копно.
Микроскопската анализа на дрвените остатоци, чии резултати беа објавени во британското научно списание „Антиквити“, утврди дека постоеле средства, знаење и пловила за да се стигне до бреговите на Северна Америка, пишува „Си-ен-ен“.