фото: Приватна архива

Песната „Forever young“ на групата „Алфавил“ што ги освојуваше светските листи во 1980-те години и што доживеа бројни верзии, е лајт-мотив на четвртата ретрозабава што ја организира неуморниот менаџер и некогашен промотор и двигател на ноќниот живот во Скопје, Милорад Цаиќ-Цајо.

Годинава ноќта на носталгија и спомени ќе се случи на Младенци, празникот што сам по себе значи младост, а го слават брачните двојки што минатата година стапиле во брак.

Местото на настанот ќе биде спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопски Аердором, во малата сала која, само навидум е тоа, бидејќи собира 2.500 луѓе, а почетокот е во 21 часот. За добрата забава ќе се погрижат познати македонски диџеи, некои од нив со долг стаж зад микс-пултот. Ќе има и изненадувања, а забавата ќе се снима и подоцна најубавите моменти ќе бидат ставени на ДВД-издание.

Првата ретрозабава во организација на Цајо се одржа пред дваесетина години во „Метрополис“ арената, која веќе не постои, а следни изданија имаше на Скопскиот саем и во СРЦ „Борис Трајковски“.

– Слоганот и на годинашната, како и на претходните ретрозабави што ги организирав е: „За генерациите кои пораснаа, но никогаш не стареат“. Се надевам и на 22 март меѓу сите што ќе дојдат, на возраст од 30 до 70 години, ќе се врати добриот дух во градот. Ќе се сретнат другари и пријатели, цели друштва ќе бидат повторно млади. Ќе покажеме и докажеме дека ние сме позитивна, пријателски расположена генерација, која уште го чува младешкиот жар, ние сме „форевер јанг“ и ете можност, сегашните млади да видат дека нивните родители уште се живи и сакаат забава и дружба како порано – вели органзиаторот Милорад Цаиќ-Цајо.

Интересот за забавата е голем, а веќе се подготвуваат и диџеите со своите листи на хитови, повеќе од 100, кои некогаш жареа и палеа на подиумите во скопските дискотеки.

фото: Приватна архива

– Ќе има одлична забава, а со добропознатите рефрени ќе се вратиме во 1970-те и 1980-те, златни години на скопскиот ноќен живот и воопшто најкреативни години во светот.

Диџеи ќе бидат: Дела, Тута, малиот Бабура, Вера Јанковиќ, Ерик Фокс, а Зоки Антена, кој долги години не пуштал музика ќе биде изненадуавње на вечерта, а ќе има и други. Мислам дека овие диџеи ќе се потрудат забавата да биде фантастична како и секогаш. Но, тоа нема да биде само забава, туку и средба на генерации, можност да се почувствуваме пак млади, а сите што ќе дојдат, за миг да заборават на грижите и на проблемите и оваа вечер да биде само нивна – вели Цајо.

Инаку, тој освен по овие ретрозабави што се паметат е познат и по организирањето на „Велигденско кафуле“ исто така во „Метрополис“ арената на Скопски саем, како и на забавите „Ретро електро“ и „Ретро актив“.

Цајо со доза на разочарување и на носталгија се сеќава на убавите времиња кога Скопје имаше богат ноќен живот, по што беше познат во регионот.

– Градот кој сите го паметиме по убавиот ноќниот живот за кој до денес се раскажува и градот што беше синоним за младост и лудост за убави ноќни доживувања, за забави до раните утрински часови полека умира и го губи духот. Не сакам да критикувам и да бидам песимист, но со жалење ќе кажам дека Скопје станува град на меланхолија и град кој живее на старите, но не создава нови сеќавања. Можеби треба да се обидеме да го вратиме календарот назад и стрелките на часовникот за неколку часови поназад. Можеби така ќе почне срцето на градот да бие посилно и така ќе се врати динамиката на улиците во Скопје. Духот ќе донесе нови насмевки, а насмевките ќе донесат нова енергија на Скопје. Нашиот град бил град на спомени, така мора и да остане. Мораме секој ден од живеење во Скопје да го направиме ден вреден за паметење и сеќавање – ни рече Милорад Цаиќ-Цајо.

М.Т.