По неколку децении, човештвото се подготвува да се врати на Месечината и планира да воспостави потрајно присуство на површината на Месечината.
Американската вселенска агенција активно бара технолошки решенија за да изгради безбедно засолниште за идните астронаути додека ја истражува можноста за долгорочни населби. Сега стартапот „Теилс аленија спејс“ има намера да произведе лунарен модул наречен „Мултипрпес хабитат“ (МПХ), кој би можел да стане првата постојана станица на Месечината. Стартапот потпиша договор со Италијанската вселенска агенција (АСИ) за да започне со дизајнирање на овој модел на домување.
– МПХ ќе означи историска пресвртница и ќе стане првиот италијански модул погоден за живеење што ќе работи на површината на Месечината. Горди сме на нашата компанија, која има уникатни технички и организациски вештини за да ги надмине предизвиците од овој вид – изјави Франко Фенољо, раководител на човечкото планетарно истражување и роботика во „Теилс аленија спејс“.
Во средината на октомври, МПХ го помина прегледот на НАСА со кој се утврди дека ги поседува „клучните функционалности“ потребни за површината на Месечината во рамките на програмата „Артемис“. Целта на оваа програма е да се воспостави одржливо човечко присуство на Месечината како основа за идните мисии на Марс.
Стартапот сега се подготвува за следниот чекор, кој вклучува завршување на прегледот на концептот на мисијата. Оваа фаза треба да биде завршена во првиот квартал од 2024 година и мора да биде во согласност со пропишаните барања на агенциите АСИ и НАСА.
– Тоа ќе биде клучна пресвртница за напредокот на проектот во следните фази на критички технолошки дизајн и развој на модули – се наведува во соопштението.
НАСА и АСИ ги здружија силите во 2020 година на програмата „Артемис“.
Воспоставувањето лунарно живеалиште претставува голем број предизвици, особено ако се земат предвид суровата лунарна средина и недостигот од критични ресурси за опстанок на астронаутите.
Затоа, развојот на лунарното живеалиште бара обезбедување основни решенија за одржување на животот, дури и за кратки престои од седум дена. Потребно е да се заштитат жителите од високото ниво на вселенско зрачење, екстремниот студ на лунарната ноќ и продорниот реголит. Долготрајната изложеност на овие екстремни елементи може да доведе до сериозни здравствени ризици за истражувачите. Тоа ја нагласува огромната одговорност за дизајнирање технолошки напреден и безбеден модул. Компанијата сака да испорача безбеден, удобен и мултифункционален модул за астронаутите. Лансирањето на модулот не се очекува пред 2030-тите.